Различни луѓе, исти глупости

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Сите луѓе во партијата, без разлика на пол и возраст, според начинот на мислење и според вредностите што ги делат се – исти. Тоа што имат различни имиња не менува ништо. Дали добиваш членска карта затоа што така мислиш или така мислиш затоа што си член на партијата?

Во белата палата, седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, викендов се одржа трибина „Исти луѓе, исти вредности“. Од извештаите за тоа што и како било кажано можеше уште еднаш да се прочита, и по којзнае кој пат да се потврди, нешто речиси неверојатно: сите луѓе во партијата, без разлика на пол и возраст, според начинот на мислење се – исти. А тоа што го мислат и, особено, тоа што го испорачуваат до јавноста тешко дека може да се нарече вредност, колку и да имате добра волја и да ги спуштите критериумите. Главната, ако не и единствена порака од трибината „Исти луѓе, исти вредности“ е иста со онаа пред да се одржи расправата: заевизмот остана, зашто на чело на СДСМ дојде Димитар Ковачевски, пионот на Зоран Заев.

Теоретски, секој би требало да се менува, пожелно е на подобро, но тоа е тешко, дури и да се очекува. Практично, ако не се сменат на полошо – што е полесно и најчесто – тогаш максимум што може да се добие е истите луѓе да останат со истите вредности. Проблемот е што тоа истото што го кажуваат и го бранат со години се уште се евидентира како вредност, иако одамна се потврдило како глупост.

Каква вредност може да има таа критика нa „режимот“ на Заев од истите луѓе кои беа вградени во единствениот целосно изграден и заокружен систем на владеење што може да се нарече режим – груевизмот? Од тие кои ја гледаат раската во туѓото, а не можат да го видат трупецот во, или пред, сопственото око? Што може ново, па и уште вредно, да каже, на пример, долгогодишниот пратеник Антонијо Милошоски? Кога по деценија и кусур дојде моментот Никола Груевски да замине од лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тој на конгресот во Валандово пред четири години на таа функција го постави Христијан Мицкоски. Милошоски, и не само тој, одби да учествува („во овие важни моменти за ВМРО-ДПМНЕ ќе беше многу попродуктивно да имаме конгрес со можности за лојална конкуренција“). Но, оваа најава за промена не донесе никаква нова вредност. Се покажа дека тој сепак си останал истиот. Со неговиот полтронски глас Мицкоски деновиве доби нов мандат на конгресот во Скопје на кој повторно немаше можности за лојална конкуренција: пак беше единствен кандидат. Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, отиде подалеку – бараше смена на Мицкоски поради изборните порази, со амбиција тој да дојде на лидерското место. Каква вредност да очекуваш од него сега откако се врати од толку далеку за да гласа за нов мандат на Мицкоски?

Тоа не е ништо. Вистинските, жалосни последици од оваа поданичка состојба на духот се гледаат кога ќе се појават различни имиња – нови, млади луѓе – а ќе се промовираат со веќе истрошени „вредности“. Со тие што ќе им ги пренесат старите, ама ќе им дадат слобода креативно, со нов елан да ги преповторуваат партиските глупости, гадости и омрази, спакувани како „вредности“. Плус мислите од малиот мозок на големиот лидер, кој најчесто не мисли ништо. Дали добиваш членска карта затоа што си таков или стануваш таков зашто си член? Веројатно има од двете по нешто на патот да не станеш ништо посебно. Односно, за да станеш портпарол. Како Марија Митева: „Ние претходната недела го понудивме новиот договор и заедничкиот патриотизам, што е комплетна спротивност на сѐ што има во СДСМ и веруваме дека ќе продолжи со пионот на Заев од кој ќе се задржи заевизмот“. Нов човек, а колку многу исти вредности!

Веднаш откако беа понудени заедничкиот патриотизам и новиот договор, прва во нивното спороведување се вклучи независната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска. Ново лице, од кое се очекуваа нови, различни вредности. Се покажа дека е тешка утка (проценката). Таа од првиот момент на власт ги испорачува токму тие што со деценеии владеат во ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја поддржа на изборите. Претпоставувајќи дека таму се „истите луѓе со истите вредности“, без разлика дали се нови или стари (правилно), таа реши тројцата млади партиски портпароли да ги стави во управните одбори на јавните претпријатија ЈСП „Скопје“ и „Водовод и канализација“. Тие прво немаа ништо против таквите (за нив нови) вредности, но под притисок на „заевизмот“, решија да се повлечат. Се разбира, „принципиелно“, чисто за да се види големата разлика и новите вредности. А толку веруваа дека ќе го откријат криминалното работење (Митева: „јас бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП Водовод на виделина“) на претходната власт, иако би требало да знаат дека управниот одбор треба да го контролира актуелниот директор, тој што го постави Арсовска. (Но, таа разлика не е вредна ни да се спомне).

Новата Данела, продолжува да се држи до старата предизборна вредност: лагата. Ако се сеќавате, таа најави дека веднаш штом ќе стане градоначалничка ќе ја тужи СДСМ за клевета и за навреда, зашто партијата објави документи како доказ дека Арсовска има бугарско државјанство. Како што одминува времето, така станува се поизвесно дека документите биле вистинити, а заканата лажна. Штета, тоа ќе беше нова вредност и голем удар што ќе му пресудеше – не само судски – на заевизмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот