Разговор со вокалната солистка Јулија Ѓорѓевиќ за перформансот „Хоризонтала“: Мислам дека сум родена како некоја сонична скулптура

Вокалната солистка Јулија Ѓорѓевиќ има необичен начин на контемплирање на своите креативни идеи. На ист начин ги конципира и своите звучни перформанси. Еден таков перформанс изведе во рамките на фестивалот „Култиватор“ пред извесно време. Перформансот беше со едноставен наслов „Хоризонтала“.

Своето искуство и знаење во визуелната уметност Јулија ги стекнала преку создавање на уметнички дела, перформанси и соработки со словенечката уметница Петра Варл во рамки на артистичкиот тандем „Ромео и Јулија“.

Повеќе години таа работи во полето на звучната уметност со креација на сонични интервенции во просторот, сонични скулптури, ономатопејски сонични минијатури, применета и амбиентална музика за театарски претстави. Нејзиниот творечки опус се базира на создавање вокални перформанси и други уметнички дела кои ги обединува звукот, гласот и визуелната уметност на начин на кој постојано на Јулија ѝ создаваат некакво чувство на враќање дома.

Вашиот најнов музички перформанс е насловен Хоризонтала“. Што, всушност, е Хоризонталаи како се роди идејата? Што ве инспирираше?

– Идејата за „Хоризонтала“ навистина се роди! Ова сега звучи како божиќна честитка со која започнува празнувањето на Божиќ со познатата фраза „Мир божји, Христос се роди“ со одговорот „Ваистина се роди“, која го обележува најрадосното случување во христијанскиот свет. Така и јас се почувствував во мојот внатрешен свет кога ми се случи „Хоризонтала“. Ми дојде на сон, бидејќи добивам одредени идеи и визии најмногу преку сон. Едноставно ги сонувам и потоа кога ќе се разбудам, прво ми треба некое време да се „апдејтирам“ (прилагодам) на планетата Земја (хаха), а потоа седнувам и уредно ги запишувам и скицирам во мојата тетратка, што ја нареков „сметководителство на соништа“, а потоа ги разработувам и ги трансмитирам, ги поставувам во ова време и простор.

За што точно станува збор во перформансот?

– „Хоризонтала“ е вокален перформанс долг три минути, кој се одвива во празен и прецизно дефиниран и ограден изолиран простор, каде што јас како изведувач сум поставена хоризонтално на едно ќебе. Тоа ќебе е направено од сребрен материјал кој произведува одредени микрозвуци што се дел од перформансот како одредена контрапунктна тема. Перформансот го создаваат звукот во својата фундаментална форма што го произведува самото струење на сребрената фолија, интеракцијата со моето тело кое прави микродвижења и телата и движењата на посетителите кои се менуваат на секои три минути. Всушност, секој посетител прави одредена интеракција и автентична контрапунктна тема со сребреното ќебе во моментот додека се сместува во хоризонтална позиција. Посетителите добиваат време и простор да бидат во „Хоризонтала“, лежејќи на сребреното ќебе покрај мене, сами со себе, слушајќи ги фреквенциите произведени од гласните жици кои овозможуваат јапонската приспивна песна да се шири низ времето и просторот.

Овој вокален перформанс е необично едноставен и во тој поглед целосен: пеење на јапонска приспивна песна од хоризонталното во кое телото му се предава на вертикалното. Секој посетител добива простор за ново интимно искуство, кон кое тој самиот одлучува колку ќе се отвори и колку ќе се осознае. Луѓето имаат слобода на избор, да изберат дали ќе останат во тие три минути во грубиот и ограничувачки земски свет, со соничниот метеж кој допира однадвор, или ќе си дозволат да „паднат нагоре“ по вертикала, во етеричното. Или, пак, можеби ќе останат некаде помеѓу, во срцето на детската невиност, завиени во мајчинската милост која оваа песна ја носи во себе како информација, бидејќи приспивната песна е пеена со векови во селото Итсуки на островот Кјушу во Јапонија, како дел од тој интимен ритуал помеѓу мајката и детето. Во мојот звучен свет сето тоа ми го создава чувството на некакво враќање дома. И едноставно ја љубам хоризонталната форма на постоење, бидејќи ми овозможува да патувам многу повеќе отколку што тоа го правам во вертикалната форма на постоење.

Колку време се занимавате со современи музички перформанси?

– Ми се чини дека сум родена во форма на музички перформанс (хаха), како некоја сонична скулптура. Со ова сакам да кажам дека уште од мала сум се чувствувала како некаков соничен објект кој произведува одредена звучна фреквенца, која поминувала низ разни форми кои се менувале. Отсекогаш имав одредена атракција кон звукот во својата фундаментална форма, и одредена атракција кон самото струење на гласните жици, струење и треперење на целото тело, кое самото искуство на вокалното изразување го носи. Пеењето е, речиси, религиозен чин за мене лично. Во песната како таква, лежи сила која влече кон границите на познатото и провереното, влече кон целовитоста преку која сѐ се разбира, сѐ наеднаш ти станува така лесно и јасно. Тоа се моите лични и директни искуства и импресии кои ме влечат постојано да истражувам во областа на музички или звучен перформанс, како и да го наречеме тоа искуство низ кое минувам додека творам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот