Разговор со турскиот писател Тарик Туфан: Балканската култура содржи многу различни духови

Тарик Туфан бил гостин на фестивалот во 2019 година

Меѓу писателите – гости на 11. „Про-за Балкан“ е истакнатиот турски писател и сценарист Тарик Туфан и од 17 до 19 септември ќе има можност да го претстави своето творештво пред македонските читатели.

Турскиот писател Тарик Туфан веќе бил гостин на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ во 2019 година и затоа со голема возбуда ја прифатил поканата повторно да учествува на фестивалот во Скопје.

Во европски и светски рамки Туфан е познат како романсиер, раскажувач, есеист и сценарист. Има објавено десет книги, вклучувајќи романи и збирки раскази. Покрај пишувањето за литературни списанија, тој работи на документарни филмови и пишува сценарија за играни филмови. Затоа и прашањата што му ги поставивме се движат помеѓу зборот и сликата.

Што за Вас значи гостувањето на книжевен фестивал што во фокусот ги има писателите од Балканскиот регион?

– Балканската култура содржи многу различни духови. Блискоста на тие души е голем извор на инспирација за секој уметник. Балканските географи си подаруваат посебни приказни. Мене како писател и романсиер ме инспирираат балканската историја, заедничките зборови, заедничките гласови, па дури и заедничката болка. Ова е вторпат да учествувам како гостин на овој литературен фестивал. На првото гостување склопив посебни пријателства. Атмосферата на фестивалот е исклучително топла и пријателска. Имавме инспиративни разговори со нашите книжевни пријатели. Среќен сум и возбуден што ќе учествувам по вторпат.

Фокус на фестивалот е и отворање простор за превод на оригиналните дела на други јазици. Какви можности за писателот отвора преводот на неговите дела на други јазици?

– Најголемиот сон на еден писател е приказната што ја раскажува да има влијание врз срцата и душите на луѓето. Не е доволно романсиерот да ја раскажува својата приказна само на луѓето што го зборуваат неговиот јазик. Уметничкиот дух сака да ги надмине границите. Јазикот е една од овие граници. Преведувањето на неговите романи значи преминување на друга граница. Преведувањето на приказната на различни јазици ја ослободува душата на романсиерот. Да се биде прочитан на различни јазици и од различни култури е моќна мотивација за романсиерот.

Најголемиот сон на еден писател е приказната што ја раскажува да има влијание врз срцата и душите на луѓето

Издавачот „Прозарт медиа“ на македонски јазик го преведе Вашиот роман „Не ме давај ним“. Што за Вас значи тоа што делото може да се прочита и на македонски јазик?

– Македонската култура, историја и уметност се исклучително важни во овој регион. Преведувањето на мојот роман на македонски јазик ме доближи до големата култура. Луѓето се зближуваат додека ги слушаат приказните еден од друг. Ние мора да ги слушаме нашите приказни како луѓе што живеат во ист регион.

Приказните во романот се однесуваат на Вашето детство на турските улици. Дали имаат потесна локализација и колку книжевните дела можат да го пренесат духот на времето во кое се создавани?

– Писателот се раѓа во куќа, на улица, во град, во земја, во култура. Кога почнува да ја раскажува својата приказна, тој се обидува да стигне до универзалната приказна за човекот. Приказната може да се доживее на улица во Истанбул, Скопје, Богота, Њујорк, Прага или Париз. Писателот ја раскажува својата локална приказна на универзален јазик. Целта на писателот е да ја разбере суштината на човекот и на животот. Човечката душа е секаде иста. Начинот на кој луѓето ги доживуваат болката, радоста, љубовта и смртта е ист насекаде низ светот. Големите романи ги надминуваат времето и просторот. Мојата цел е да им ги раскажам приказните што се случуваат на улиците на Истанбул на читателите ширум светот.

Покрај книжевноста, се занимавате и со пишување филмски сценарија и продукција на филмови. Каков е Вашиот пристап и начин на селекција кон пишаните текстови кои треба да бидат визуализирани со камера?

– Романот и филмот се две различни форми на изразување. Едниот се обидува да ја достигне длабочината на зборовите, а другиот се обидува да ја достигне длабочината на сликите. Некои романи содржат филм во себе. Некои филмови содржат роман. Неопходно е да се открие сликата скриена во зборовите. Неопходно е да се изгради свет на соништата од зборови. Некои романи ја отвораат вратата на овие соништа и откритија. И како писател и како сценарист, живеам во светлината на зборовите и на сликите. Како писател и сценарист, имам заедничка цел: добро да ја раскажам мојата приказна. Без разлика дали со слики или со зборови.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 196, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот