Разговор со „Турни ме да кинисам“: Планините се нашето прибежиште, горди сме што нашите деца ја сакаат природата

Фото: Приватна архива

„Љубовта кон планините ним не им е наметната, туку можам да кажам дури вродена. Тоа е така затоа што тие од многу мали бебиња се на планина.“

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на планината, посветен на подигнување на свеста за важноста на планините во нашите животи. Македонија е, главно, планинска земја, а планинарењето е убава можност да ги поврзете вашите деца со природата уште од најмлада возраст.

Ирена и Бојан од Скопје се вистински вљубеници во природата, кои заедно со нивните две деца Ева и Андреја и кучето Марфи, ги истражуваат прекрасните планински предели низ нашата држава. Нивниот блог „Турни ме да кинисам“ е место каде што можете да ги прочитате нивните искуства поврзани со планинарството и каде што, дефинитивно, можете да се инспирирате за вашата следна планинарска тура.

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на планината. Што претставуваат планините за вас како семејство?

– Планините се нашето прибежиште, нашиот извор на енергија, каде што поминуваме вистински квалитетно време како семејство. Кога сме на планина, водиме долги разговори без никакви надворешни препреки какви што се електронските уреди. Играме квизови поврзани со планини и врвови или брза математика. Планините се „бустер“ на нашиот имунитет, на нашето здравје. Едноставно, нашиот полнач на батерии. После планина можеме со леснотија да ја одработиме работната недела што следува.

Ирена и Бојан, како успеавте љубовта кон планините да им ја пренесете на вашите деца?

– Љубовта кон планините ним не им е наметната, туку можам да кажам дури вродена. Тоа е така затоа што тие од многу мали бебиња се на планина. Бојан ги носеше во ранец, потоа одеа сами до каде што можеа, па малку „на ушка“, за некаде по нивни 4-5 години самостојно да освојуваат врвови заедно со нас.

Ја сакаат природата и горди сме на тоа. Сакаат животни, сакаат растенија, се интересираат за планини и врвови, реки… Навистина верувам дека планинарењето и надворешните спортови што ги практикуваме, ќе ги негуваат и понатаму во животот.

Фото: Приватна архива

Како дојдовте до идејата да почнете да споделувате свои планинарски искуства на блогот „Турни ме да кинисам“?

– Инстаграм-профилот го направивме веднаш откако беше готов нашиот блог „Турни ме да кинисам“, каде што ги објавуваме сите тури во детали. Ги отворивме профилите на социјалните медиуми за полесно да го промовираме блогот, со цел исполнување на нашата мисија. Инстаграм е социјален медиум каде што токму преку моќта на фотографиите и видеата може подобро да го доловиме тоа што сакаме да го пренесеме со блогот и која е нашата цел. Доколку некому му се допадне некоја наша тура на Инстаграм, преку профилот може да пристапи директно на блогот каде што ќе може да го прочита целото наше доживување.

Идејата за блогот ја добивме за време на пандемијата на коронавирусот, кога и многу други семејства имаа желба да поминуваат повеќе време во природа. Па, едноставно сакавме да им помогнеме и да им ги пренесеме деталите. Сето тоа прерасна сега во една веб-страница со повеќе од 300 патеки, на која сме особено горди.

Која планинарска тура ви е најубав спомен досега?

– Ова е тешко прашање. Се чини дека ни се омилени оние што сме ги оделе повеќепати, а тоа се Лешница на Шар Планина и Солунска Глава на Јакупица, со посета на Бабунски Извори. Тоа е неверојатна природа, не сме свесни што имаме навистина. Топла препорака за сите што не биле. На Лешница има опција да се стигне преку с. Бозовце, каде што патеката не е многу напорна, ниту пак долга, а на Солунска Глава препорачувам преку планинарскиот дом Чеплес, каде што може и да се преспие. Доколку врвот е напорен, може да се оди само до Долна или Горна Бабина Дупка, каде што секако ќе уживате и ќе се восхитувате на природата.

Фото: Приватна архива

Дали некогаш сте се соочиле со одредени предизвици при истражувањето на природата?

– Искрено, ништо посебно. Најчесто сме многу претпазливи и во однос на временските услови и во однос на животните. Сме виделе лисици, орли, па и мечка, но далеку беше, а ние, за среќа, бевме голема група.

Македонија изобилува со прекрасни планински предели. Кои тури би ги препорачале за семејства со деца?

– Секогаш советуваме да се почне со Водно. На Водно има многу патеки погодни за деца од најмала возраст, кои во детали ни се разработени на блогот. Водно е најблиску, изобилува со сончеви патеки, со убав поглед кон Скопје и е супер „отскочна даска“ за следните малку понапорни тури.

Скопска Црна Гора има, исто така, одлични патеки. Патеката од с. Бродец до Спирова Колиба е супер за деца, од таму може да се продолжи до врвовите Црн Камен, Пржар, Рамно… Исто и од с. Раштак има живописна патека која води до врвовите Здравец, Свински Камен, Бел Камен.

Би рекла дека секоја патека е погодна за деца, со тоа што целта не мора да е секогаш врвот. Многу е важно да се напомене дека децата имаат многу енергија, само им треба малку занимација за време на пешачењето, бидејќи знаат да изгубат интерес и да им стане здодевно, па тогаш велат дека се уморни. Убаво е да имаат друштво, барем на почеток, тогаш ќе трчаат нагоре. Или добро е да им се даде некоја одговорност. На пример, да бараат маркации или да собираат отпадоци и на тој начин ќе ги научите на многу важна лекција – да се грижат за животната средина.

Фото: Приватна архива

Што е она што е неопходно да се понесе на една тура во овој зимски период?

– Супер прашање. Најпрво мора да се следи временската прогноза. Да се знае какво време ве очекува, дали има снег или е суво и сл.

Дефинитивно, има неколку работи без кои никој не би требало да тргне на планина. Најважно е да останеме хидрирани во текот на целата тура, односно да имаме доволно вода, минимум по литар и пол за секого.

Секако, мора да се внимава и на опремата. Да се носат соодветни удобни зимски планинарски чевли и планинарската облека да е од соодветен материјал. Да се практикуваат повеќе слоеви облека и секако јакна што нема многу да тежи. Не смеат да се изостават ракавици, капа, марама и очила за сонце. Ние носиме и џи-пи-ес уред, затоа што некогаш одиме и по немаркирани патеки или сами истражуваме, па не би сакале да се изгубиме. Да се понесе храна што дава енергија и секако најважно е да не се заборави доброто расположение. Повеќе совети за опремата има на нашиот блог.

За крај, која е вашата порака до сите оние што се двоумат во својата желба да ги истражуваат планините во Македонија?

– Најпрво, препорачуваме да го посетат нашиот блог и да „прошетаат“ малку низ нашите тури, да ги видат фотографиите и деталите околу турите кои сме ги оделе. Придобивките од планината и општо престојот во природа, се огромни. Секако на прво место се здравствените придобивки. Се подобрува имунитетот, го намалувате секојдневниот стрес итн… Исто така, кај децата посебно се буди креативноста, тие стануваат поиздржливи, посилни и посамоуверени, а да не зборувам за тоа какво влијание има на нивното здравје.

Разговор со Моника Илкова, основач на „My Wave“: Илустрации со љубов што поместува планини

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот