Разговор со Трајче Кацаров, добитник на наградата „Григор Прличев“: Пишувањето поема бара време, дисциплина и консеквентност

Културната манифестација „Прличеви беседи“, која се одржува во чест на охридскиот и македонски поет Григор Прличев, одбележа 70 години од основањето, а добитник на наградата за најдобра поема е Трајче Кацаров.

Поетот, раскажувач, драмски автор и есеист Трајче Кацаров со поемата „Цветко“ ја доби наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2021 година, а повелбата му беше врачена на манифестацијата „Прличеви беседи 2022“, што минатиот викенд се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Какво е чувството да се биде носител на награда со името на Григор Прличев, имајќи ја предвид епската димензија на неговото поетско творештво?

– Наградата ја добивам по вторпат. Во 2011 година ја добив за поемата „Ако“. Во истата Думан, стожерниот лик во поемата, на чешмата надвор од градот, на случајниот минувач, оној кој му подава чаша вода и го враќа, едноставно речено, во живот, му го остава поетскиот ракопис во кој користејќи се со сврзникот „ако“, во стилот на Киплинг, односно низ стиховите што потсетуваат на стиховите – гноми на Лао Це, ја истакнува условноста што ја определува појавата на одредени духовни, или душевни расположби.

После десет години, во 2022 година, повторно ја добивам наградата за поема, овој пат за „Цветко“. Тоа е поетски исказ каде егзистенцијално – философската тема се подава во духот на романтичарската поезија. Лирскиот јунак во неа, Цветко, е пленик на страстите и љубовта, да не речеме на бурата и устремот. Токму тоа го одредува неговиот однос со другиот, со она што му се исправа на животниот пат како изданок на мистичниот и на реалниот свет. Во основата на оваа поема е мистиката, што би рекол Шлегел, стариот вечен извор на поезијата, но предадена во нова форма. Почитта кон традиционалните вредности и безрезервното прифаќање на новото што доаѓа од развиениот – цивилизираниот свет, го детерминира човековиот живот, особено во државите кои се во транзиција.

Наградата е потврда дека она што го работиш има некаква смисла, па дури и функционална вредност

Што се однесува до наградата, таа, што би рекол Сартр, е потврда дека она што го работиш има некаква смисла, па дури и функционална вредност. Со неа стануваш свесен дека пишуваш не поради зборовите, туку поради она што сакаш да го кажеш, поради она што сакаш да го направиш. Во Прличев гледам претставник на нашиот задоцнет романтизам. Неговата поема ја сфаќам како дело напишано со топлината на крвта. Затоа ја читам повторно и повторно, а некои делови ги знам и напамет.

Каков поетски предизвик е пишувањето поема, независно дали станува збор за епски или современи мотиви?

– Во поемите агонот, ако го има, а според мене мора да го има, резултира преку карактерните особености на протагонистите, или преку дејството. Таа по структура се разликува од драмските творби, но по присутноста на елементите што ја градат, е блиска до неа. Во поемата, колку што ликовите се оставени да зборуваат самите за себе, низ одредени дејства, толку нивните доминантни карактерни особености, потребни за развојот на дејството, се опишани од авторот, нешто како во романот.

Кога зборуваме за поема, зборуваме за лирска поема. Лирска зашто покрај епскиот материјал е застапен и лирскиот. Процентот на застапеност е различен. За Томас Ман се вели дека делата ги гради така да наликуваат на музички композиции, симфонии. Делата, пак, на Бернхард, се споредуваат со фуги. Пишувањето поема не е поразлично од начинот на градењето на наведените дела, како и многу слични на нив. Пишувањето поема бара време, дисциплина и консеквентност. Каузалната поврзаност е, исто така, важна компонента во наративот.

Повелбата за најдобра поема за 2021 година на Трајче Кацаров му беше врачена во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Кога и како е создадена поемата „Цветко“ за која да добивте наградата?

– Секоја творба настанува тогаш кога авторот ќе почувствува дека перцепцијата на одредена реалност, без разлика кој е нејзиниот извор, раѓа потреба, односно, што би рекол Чехов, потпирајќи се на слободната мисла, храброста и широкиот потез, тргнува да стокми порака за која смета дека ќе има адресант. Во прологот на поемата јасно кажувам каде настанала приказната. Во него, поетски распеано, низ звучни стихови, се зборува од каде доаѓа потребата да се раскаже, да се адресира пораката. Епилогот не е само ексода, туку нè враќа на почетокот, на местото од каде што започнува дејството.

Од што беше инспирирана поемата и какви поетски траги оставате со неа?

– Колку што сум романтичар, толку сум и поклоник на натурализмот. Го набљудувам реалниот свет и го опишувам низ мојата можност за перцепција и темперамент. Не ми е туѓ ниту реализмот на Чехов. Потекнувам од работничка фамилија. Мајка ми беше работничка во фабриката за ткаење платно „Македонка“. Ноќните часови што таа ги пробдејуваше зад машините за ткаење, беа моите ноќни кошмари. Тоа ме научи да не одам подалеку од светот на човекот кој со голи раце, сам, немушт, се бори за својата егзистенција. Малиот човек, неговата животна приказна се мои теми.

Во поемата „Цветко“, главниот јунак е дете на разведени родители. Сѐ што му се случува во животот е резултат на изгубеното детство, на штурата младост и несреќата во бракот – смртта на жена му и штотуку роденото дете. Го почитувам егзистенцијализмот на Кјеркегор, Сартр, Ками, Јасперс, но и верувам во вишата сила што го определува животот на човекот. Трагите што ги остава поемата можат да се објаснат низ Борхесовата изјава: „Чудна е судбината на писателот. Во почетокот неговото пишување е барокно, а после многу години може да постигне, ако ѕвездите му се наклонети, не едноставност, што е ништо, туку скромна тајновита сложеност.“ Пораката до секој што би сакал, или веќе се занимава со создавање на некое уметничко дело е, не да се упростува материјалот подготвен за конвенција, туку да се поедностави до степен на тајновита сложеност.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 116, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот