Разговор со Тошо Филиповски со фокус на македонските носачи на звук

Минатиот викенд во Кочани се одржа берза на винили и беше поставена изложба со македонски носачи на звук, но Тошо Филиповски има намера од неговиот роден град да направи центар на рок-културата на Истокот.

Авторот на Македонската рок-енциклопедија, Тошо Филиповски, кој својата страст во архивирањето на артефактите од македонската рок-историја ја продолжи со монографските книги „Македонска дискографија – Винили 1958-2019“ и „Македонски рок-времеплов“, отвора нови сфери на своето дејствување.

Деновиве во Домот на културата во Кочани беше поставена изложбата „Визуелниот говор на македонските носачи на звук во 20 век“, а минатиот викенд во паркот пред домот се одржа Летна регионална берза на винили. Плановите на Тошо Филиповски се многу поголеми и покомплексни од организацијата на двата настана, а покрај издавачката дејност, својата страст во собирањето на рок-артефактите ја насочува и кон обезбедување соодветен простор за нивно чување и заштита.

Во Домот на културата „Бели мугри“ во Кочани ја постави ретроспективната изложба „Визуелниот говор на македонските носачи на звук во 20 век“. Со каква цел и колку експонати беа претставени на изложбата?

– Ова е веќе втора изложба што ја поставувам во истиот простор. Првата беше на крајот на минатата година и акцентот на неа беа плакати, фотографии и слична меморабилија. На оваа, фокусот е на македонските носачи на звук. На обете, изложените артефакти се создавани во 20 век. Целта е да се внесе еден нов сегмент во македонската музичка култура, кој ќе ѝ даде еден вид историски легитимитет на сегашноста, но е вовед и во иднината. Изложбите се потрага по корените, документирање на случувањата и концептуално претставување на визуелниот идентитет на сцената. Низ оваа изложба на јавноста ѝ понудив на преглед околу 200 музички изданија, кои се објавени во минатиот век (касети, цедеа и плочи), од кои овие последните беа врамени и имаа централно место на изложбата. Поставката требаше да биде „реплика“ на срцев (дискографски) дијаграм со мали уметнички (ликовни) интервенции на ѕидот, кои патем не беа одобрени од одговорните во Домот. Дијаграмот низ една хронолошка поставеност на изданијата ги прикажува подемите и падовите во македонската дискографска историја, од 1971 до 1999 година. Обете изложби беа со поддршка на Министерството за култура, одделот за музејска дејност. Ова особено го потенцирам затоа што одговорните таму, конечно, ја препознаа потребата за сочувување на овој вид национално културно богатство и во рамките на можностите одобруваат средства, кои во најголем дел се за врамување одреден број артефакти.

Целта на изложбата е да се внесе еден нов сегмент во македонската музичка култура, кој ќе ѝ даде еден вид историски легитимитет на сегашноста, но е вовед и во иднината

Со колку вкупно експонати располага „Македонски рок архив“?

– Македонскиот рок архив е само еден оддел од работата на „Центарот за истражување, архивирање, дигитализирање и промовирање на македонската современа музика“. Тој оддел се грижи за сочувување на современото национално музичко културно наследство. Притоа, грижата на центарот не е насочена единствено кон сочувување на аудиоформата (касети, плочи, цедеа), туку и на физички артефакти, кои се на директен начин поврзани со музиката и со нејзините создавачи: плакати, флаери, фотографии, фанзини, рачни исписи на текстови, новински известувања, маици, прес-материјали, но и многу други, поголеми или помали, музички меморабилии. Во однос на бројката, ако ги броиме сите погоре споменати артефакти, таа изнесува околу 10.000 парчиња, но ако ме прашуваш само за она што досега успеав да го ставам во рамка (заштитам), а станува збор за постери и омоти на плочи, тогаш таа бројка е многу мала и изнесува околу 200 парчиња.

На изложбата во Кочани се претставени околу 200 музички изданија (касети, цедеа и плочи), кои се објавени во минатиот век

Какви се можностите сите артефакти да бидат сместени во Музеј на рок-музиката во Кочани?

– Сите артефакти МОРА некако да бидат заштитени, сочувани, дигитализирани, но и достапни на увид на поединци заинтересирани за истражување, како и на пошироката јавност за аудио и визуелно консумирање. Најсериозната опција засега е тој музеј/архив да биде вдомен во една/неколку од многуте слободни простории во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани. Институција која е национална и затоа „аминот“ за реализација на проектот ќе треба да дојде од Министерството за култура.

До каде се стигнати плановите за основање на музејот/архивот?

– Во мојот фокус на интерес не е само основањето на рок-музејот. Погоре веќе спомнав дека проектот е покомплексен и интердисциплинарен и има свои специфики, кои мора да бидат запазени за да биде по некои светски стандарди и тоа архивирање. Дигитализацијата на записите, исто така. Идеално би било кога овој проект би ги добил истите услови за работа како Кинотека. Сметам дека како значајно живо културно наследство треба да бидеме (музиката и филмот) на исто ниво. Морам да напоменам дека локалната самоуправа (Советот и градоначалникот) го препознаа овој проект како мошне значаен за Кочани. Проект што може да ја раздвижи помалку заспаната македонска сцена, но и проект што интернационално би бил одличен бренд на самиот град, се разбира, и на државата. Да споменам овде уште еден потпроект, кој би бил реализиран од архивот, а тоа е националниот „Rock’n’roll Hall Of Fame“, по урнек на познатиот годишен светски настан/музеј. Гледано од една поинаква перспектива, проектот совршено се вклопува и во заложбите на Владата за децентрализација на културните институции. Останува мозаикот да биде составен и да се оформи јасната слика.

Регионалната летна берза на винили претендира да стане традиционална

Минатиот викенд во Кочани се одржа и Летна регионална берза на винили. Каков беше одѕивот на берзата?

– За првпат во Македонија се организираше летна берза на винили и веднаш го доби префиксот интернационална, поради присуството на излагачи од Србија, Црна Гора и Косово. Секако, тука беа и најагилните македонски продавачи на винили. По однос на публиката/консументите на музика ставена на винилен носач на звук, таа во најголем број пристигна од другите градови во државата. Според мене, ова е одличен почеток за настан што претендира да биде традиционален.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот