Разговор со театарската режисерка Сибел Абдиу: Физичкиот театар како форма најмногу ми „лежи“

Сибел Абдиу / Фотографија: Приватна архива

На малата сцена на Театар Комедија на 12 декември се одржа премиерната изведба на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател Драго Јанчар во режија на Сибел Абдиу и во која учествуваат актери од Театар Комедија и од Турскиот театар во Скопје.

Првата копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци, покажа дека покрај заедничкиот покрив под кој се сместени во последниве десетина години актерите и актерките од двата театри имаат и многу заеднички креативни идеи.

Режисерка на претставата „Демнејќи го Годо“ е Сибел Абдиу, а во претставата играат Жаклина Стевковска-Дрнасин и Едмонд Сотир од Театар Комедија на истата сцена со Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет од Турскиот театар. Сценографијата за претставата ја изработи Луиџи Бејта, необичните костими се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на одличната музика е Аљбин Сопа.

Авторскиот тим на претставата немал лесна задача, бидејќи авторот на текстот „Демнејќи го Годо“, словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар, текстот го напишал во времето на распад на тоталитарните режими во Источна Европа и преку парафразата на „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет сакал да ги покаже аномалиите на таквите државни системи. Во променета глобална ситуација со општествените системи, екипата на претставата требало да најде нови предизвици и да се фокусира на пораки што ќе допрат до современите гледачи.

Затоа претставата се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на новите механизми кои го обликуваат постоењето на човекот. Во низата апсурдни ситуации некои се комични, но главно сите се трагични. Театарот на апсурдот е фантастично доловен од одличните актерски креации, а дополнет со сценографијата и костимографијата, додека со кореографијата е прецизно обмислено буквално секое движење на сцената.

Сцена од копродукциската претстава „Демнејќи го Годо“

Со поставувањето на „Демнејќи го Годо“, режисерката Сибел Абдиу сега има три актуелни претстави што се играат на репертоарот на Турскиот театар во Скопје. Нејзината претстава „Човек-перница“ доби две награди од 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со претставата „Слугинки“ влегува во зоната на физичкиот театар, а со „Демнејќи го Годо“ работи во зоната на театарот на апсурдот.

Каков предизвик за Вас, како режисерка, и за актерската екипа беше поставувањето на текстот „Демнејќи го Годо“ од современиот словенечки автор Драго Јанчар?

– Текстот „Демнејќи го Годо“, кој спаѓа во жанрот на театарот на апсурдот, сам по себе е предизвик да се постави. Но, бидејќи работев со врвни актери, не можам да се пожалам во однос на справувањето со текстот. Како единствена тешкотија може да го спомнам само предизвикот со ликовите, бидејќи во оригиналниот текст има само три лика, а ние располагавме со пет актери што нѐ доведе до тоа да треба да измислиме нови два лика и тоа беше единствениот потежок предизвик што го имавме во овој проект. Сѐ останато беше сведено на добра соработка и креативност, што резултираше со наоѓање креативни идеи и забавни драматуршки и мизансценски решенија.

Жанровски текстот се движи по границите на театарот на апсурдот во современ контекст. Каква порака сакате да пренесете со претставата?

– Додека талкавме во драматуршките интервенции, како екипа можеби малку се оддалечивме од првичните идеи на Јанчар и додадовме наши толкувања. Според текстот, демначите на Годо се олицетворение на едно општество што се контролира преку механизми на страв и сомнеж, но ние интерпретирајќи ги ликовите низ призмата на апсурдна имбецилност сакавме да покажеме колку тој начин на владеење е непотребен и бесмислен во денешно време, каде што секаде би требало да владеат демократски наспроти тоталитаристички системи.

Актерската екипа во претставата „Демнејќи го Годо“

Претставата е прва копродукција помеѓу Турскиот театар и Театар Комедија, а во Ваша режија има уште две претстави на репертоарот на Турски театар. Колку за режисерот е важно да ги знае креативните потенцијали на актерската екипа?

– Тоа е круцијалната почетна точка во секој проект. Според мене, доколку се направи точниот кастинг, 50 отсто од работата е завршена. Затоа многу внимавам и не правам компромиси на тоа поле.

Во претставата има сцени што се решени со техники на филмската уметност. Како го чувствувате спојот на театарската и на филмската уметност?

– Во денешно време кога скоро сите уметнички дисциплини експериментираат со хибридни форми, не е повеќе изненадувачки ни за публиката кога се користат такви решенија. За мене лично како режисер, тоа ми дава само повеќе можности и решенија со кои си се заигрувам и уживам додека творам.

Сибел Абдиу / Фотографија: Приватна архива

Каде го градевте својот режисерски израз и кој тип драматургија Ве привлекува за поставување на театарската сцена?

– Ова прашање ми е многу тешко да го одговорам бидејќи сум интуитивен уметник и многу често се водам по некои неискажливи емоции или вибрации за време на процесите, кои е тешко да се дефинираат на рационално ниво. Секакви дела и секакви стилови ме привлекуваат ако чувствувам дека треба во тој даден момент тоа да го правам, или читам, или, пак, да го работам.

Но, доколку треба да конкретизирам по секоја цена, тогаш би го издвоила физичкиот театар како форма која најмногу ми „лежи“ и форма во која се осеќам најслободно додека творам, но далеку од тоа дека се ограничувам само во рамките на таков вид театар.

Со каква цел ја основавте „Машина продукција“?

– „Машина продукција“ е основана со цел да придонесе за развојот на аудиовизуелните уметности во државата, како и да ја промовира земјата во светот преку создадените дела. Покрај тоа, „Машина продукција“ има за цел да поддржува и млади автори и уникатни проекти кои ќе придонесат за развој на културниот имиџ на земјата, како и за подобрување на општествениот поредок.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 209, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот