Разговор со Стефан Лазаров: Татко му на Кико на погребот ми кажа дека сум аманет од син му и дека сум дел од нивната фамилија

Фото: Приватна архива

Јутјуберот Стефан Лазаров вели дека до самиот крај верувал дека 20-годишното момче Кристијан Коцев – Кико, за чие лекување иницираше да се соберат донации, ќе преживее. За жал, Кико минатата недела ја загуби битката со реткото генетско заболување атаксија-телеангиектазија непосредно пред за замине на лекување во Турција.

За „Слободен печат“ тој ја раскажа целата своја приказна за дружењето со Кико, од моментот кога го запознал, до моментот кога тој и таткото на Кико ја слушнале веста дека момчето има мали шанси да преживее.

– Со Кико се запознавме на 4 ноември 2021 година, неколку денови по објавувањето на мојата песна „Мајко моја“. Бев негов идол, неговите ми кажаа дека постојано ме гледа и се мотивира со моите песни. Тогаш направи реакција на новата песна, а многу луѓе ми пратија да ја видам. Едноставно, не можев да останам имун на неговата борбеност, желба за живот и го контактирав неговото семејство за да можеме конечно да се запознаеме. Од запознавањето има и видео, а уште од првиот момент го засакав како помало братче. Тој беше прекрасна личност – се сеќава Лазаров.

Пред околу два месеци, мајката на Кико му напишала многу емотивна порака, која за Стефан била многу потресна.

„Кико не е добар, те молам дојди, само тебе те збори. Само ти си неговиот спас“, е пораката што Лазаров ја добил од мајката на Кико, по која сфатил дека неговата здравствена состојба е алармантна.

– Им реков на родителите: „Луѓе, не смееме да седиме вака и да оставиме да се случи најлошото“. На тоа, тие ми рекоа дека се потребни многу пари за да може да се лекува, а тие ги немаат и, исто така, дека не сакаат луѓето да ги жалат и да бараат донации, многу се скромни и чесни. Но, јас им кажав дека тоа ќе биде на моја иницијатива. Од мене за Кико, со цела душа. Така и излезе, но, за жал, не успеавме да го спасиме – вели Лазаров.

Фото: Приватна архива

До самиот крај тој искрено верувал дека Кико ќе успее да се избори и ќе замине на лекување во Турција. Со голема тага, Стефан се присетува на последните денови од животот на Кико.

– Верував, многу верував. Сѐ беше во ред до четвртокот, по терапијата во „Систина“ како да стана нов човек. Во тој момент се собраа и парите, Кико беше подобар, траеше неколку часови и одеднаш му се влоши ситуацијата. По информирање деновиве, тоа биле последните знаци на живот. Се бореше до последен здив, верувајте ми. Кога беше на интензивна отидов да го видам, но докторката не ме пушти. Бевме сами со таткото во соба кога ни ја сподели најстрашната вест. Дека останува само на Господ да се молиме. Моравме 24 часа да не покажуваме емоции, бидејќи сестра му и мајка му не беа во добро состојба. Тешки моменти навистина – ни рече Лазаров и го раскажа моментот кога дознал дека Кико починал.

– Бев на состанок поврзан со тековните обврски, ми се јави татко му. Како да ми се сруши светот. Оставив сѐ, влегов во автомобил и почнав да плачам како мало дете. Ми се јави Марта, па почнаа да се редат повици. Што да ви кажам, не се обвинував во ниеден момент бидејќи навистина дадов 200% од себе и направивме сѐ што можеше да се направи. Единствено се прашував зошто најлошите работи им се случуваат на најдобрите луѓе – вели Лазаров.

Фото: Приватна архива

Додава дека секогаш ќе биде тука за неговите родители и не познава почесни, подобри и поборбени луѓе од нив.

– Не ми е јасно зошто поминуваат низ ваков период. Заслужуваат многу повеќе. На погребот на Кико татко му ми кажа: „Ти си ни аманет од Кико, сега си дел од нашата фамилија“. И ќе бидам, секогаш во секое време ќе се трудам да им помагам колку што можам – изјави Лазаров.

По смртта на Кико, на социјалните мрежи се појавија различни коментари во врска со донациите што беа дадени за неговото лекување.

– Не е во ред во вакви моменти луѓето да мислат само на пари, разбирам дека има многу на кои им се потребни. Но, луѓето си го закопаа синот. Парите, кажав и еве пак кажувам, ќе бидат донирани. Дајте им неколку денови да се присоберат, тие треба да одлучат каде, не јас. Јас само помогнав да се соберат побрзо. Секоја следна одлука е на фамилијата Коцеви, а знам дека ќе ја направат правилната. Ако не го спасивме Кико, ќе спасиме некој друг живот – вели Стефан Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот