Разговор со Слаѓан Пенев: Селекторската работа е голема одговорност кон филмската култура

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава се одржува од 19 до 26 август на повеќе локации низ Битола и ќе понуди околу 60 филмски остварувања во повеќе програми.

Главната програма на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола содржи 14 филма со силен авторски печат и визуелна естетика. Селектор на програмата е Слаѓан Пенев, кој веќе неколку години е дел од селекторската екипа на фестивалот.

Каков предизвик е да се селектира главната програма на фестивалот „Браќа Манаки“, особено од аспект што тие филмови влегуваат во компетиција за наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“?

– Селекторската работа на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првенствено голема одговорност кон филмската култура во Македонија и кон еден од најпрепознатливите македонски културни производи, годишна манифестација која редовно добива високи оценки од филмските професионалци на национално и меѓународно ниво, творба на неколку генерации почитувани и посветени индивидуи и колективи, кои ја имале таа чест и одговорност да изберат и да претстават пред стручната и пред пошироката публика дел од најдобрите филмови од актуелната домашна, регионална и светска продукција.

Високите стандарди за селекција на филмовите од натпреварувачката програма „Камера 300“, што ги постави долгогодишниот селектор и уметнички директор на ИФФК „Браќа Манаки“ Благоја Куновски Доре, се голем предизвик и за мене и за другите членови на тимот што го организира фестивалот, бидејќи нашата работа не завршува само со изборот на филмовите, туку и се преговара со авторите, продуцентите, дистрибутерите на тие филмови за да се добијат правата за прикажување на тие филмови, се покануваат кинематограферите на тие филмови, се избираат авторитетни членови на жири-комисијата, кои ќе ги изберат најдобрите три филма и ќе им ги доделат трите главни награди – златна, сребрена и бронзена „Камера 300“.

Јас долго време доаѓав во Битола на овој фестивал како заинтересиран љубител на филмовите и како новинар, знаејќи дека секогаш ќе видам некое извонредно дело и нешто поинакво од она што се прикажуваше на кинорепертоарите во Скопје, а бидејќи главниот фокус на филмовите на овој фестивал е делото на кинематограферите, се обидував и од тој аспект да ги доживувам или толкувам делата што ги гледав.

Поради тоа и последниве години, кога сум дел од екипата на овој фестивал, се обидувам да го задржиме високиот естетски стандард на избраните филмови, да имаме и неколку филмови кои се наградувани на филмските фестивали, кои се дела на докажани имиња во филмската уметност или дела што предизвикуваат поголемо внимание помеѓу критиката или гледачите, и да поканиме многу релевантни гости, кои заедно со пребирливата публика од гостопримливата Битола достојно ќе го слават филмот.

Кои други компетиции се натпреварувачки на фестивалот?

– Покрај програмата на долгометражни играни филмови „Камера 300“, на ИФФК „Браќа Манаки“ имаме одлични програми на кратки филмови, кои се селектирани од Марија Апчевска, документарни филмови, селектирани од Кумјана Новакова, и студентски филмови, селектирани од Ѓорѓи Пулевски. За 12-те кратки, 9-те документарни и 17-те студентски филмови имаме и три посебни жири-комисии, кои ќе ги прогласат најдобрите филмови од овие три програми.

Во кој состав е жирито што ќе одлучува за наградите во главната програма?

– Традиционално, петчленото меѓународно жири за програмата „Камера 300“ е составено од познати кинематографери и докажани филмски професионалци. Оваа година претседател на жирито е искусниот кинематографер Жан-Мари Дрежу, член на француската асоцијација на директори на фотографија, кој има неколку значителни остварувања со режисерите Патрис Лакон, Жан Бекер и Жан Жак Ано, како и номинации за наградите „Цезар“ за најдобра кинематографија.

Втора членка е Јелена Станковиќ, кинематограферка позната по филмовите „Реквием за госпоѓата Ј“ (во режија на Бојан Вулетиќ) од 2015 г. и „Страхиња Бановиќ“ (во режија на Стефан Арсенијевиќ), кој беше прикажан во минатогодишната програма на „Браќа Манаки“. Уште еден снимател што е член на жирито е Самир Љума, најмногу познат по неговиот креативен удел во успешниот македонски филм „Медена земја“, а на тукушто завршениот фестивал во Сараево беше прикажан и неговиот најнов филм „Пет часот попладне покрај морето“, во режија на Валентин Стејскал.

Годинава членки на жирито се и Мелиса Созен, турска актерка позната по толкувањето на една од главните улоги во канскиот победник „Зимски сон“ (во режија на Нури Билге Чајлан) од 2014 г., а досега глумела и во десетици турски филмови и серии, и Маја Богоевиќ, која е основачка и главна уредничка на црногорскиот филмски магазин „Камера луцида“, професорка по филмска теорија на Факултетот за уметности во Долна Горица, претседателка на црногорската национална секција на ФИПРЕСЦИ и членка на ФИПРЕСЦИ-жирито на Канскиот фестивал во 2013 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 142, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот