Разговор со Силвана Стефановски, основач на „Ботанико“: Напролет најважно е навремено да се пресадат растенијата

Фото: Приватна архива

„Растенијата се жива материја и тие не се приспособуваат на нас, нашите желби и потреби, туку ние треба да се приспособиме и да го овозможиме она што им е неопходно за правилен развој и нега“, вели Силвана.

Расцветаните градини се една од првите асоцијации за пролетта. Убавото време ни ја буди желбата да ги разубавиме нашите балкони и дворови со убави цвеќиња и растенија.

Доколку сте почетници во градинарството, тогаш сигурно имате многу прашања за тоа како да почнете со ова хоби, кои растенија се соодветни за оваа сезона и како да се грижите за нив.

На оваа тема разговаравме со Силвана Стефановски, која е дипломиран биохемиски инженер на Природно-математичкиот факултет во Скопје и колекционер на сукулентни растенија од 2016 година.

– Мојата пасија кон природата беше присутна од мали нозе, поради што моето високо образование продолжи во таа насока – вели таа.

Своето знаење за растенијата го пренесува на својата веб-страница „Ботанико“, а сега сподели совети и со читателите на „Слободен печат“.

Фото: Приватна архива

Грижата за растенија е смирувачка активност, која носи многубројни придобивки за оние што ја практикуваат. Силвана, кога и како почнавте да го негувате ова хоби?

– Ова хоби случајно беше зачнато во 2016 година, кога почнав со купување мала бројка растенија, а активно започнав со колекционирање на почетокот на 2019 година, кога веќе имав научено многу од сопствените грешки и знаев кои се моите можности за одгледување и какви видови растенија да купувам во иднина.

За колку растенија се грижите во моментов и дали имате некои што Ви се особено драги?

– Во моментов, мојата колекција брои повеќе од 1.000 сукулентни видови (сукуленти и кактуси) и околу педесетина растенија од други фамилии и групи.

Сите растенија ми се еднакво драги, но како род секогаш ги одделувам красулите од сукулентните видови и би рекла дека доста ги фаворизирам филадендроните и сингониумите од останатите растенија.

Што е она што го научивте за себе преку грижата за растенијата?

– Растенијата, особено оние бавнорастечките, се добра вежба за трпението.

Освен тоа, самите растенија прават да научиме да се радуваме на малите работи, а со тоа и да стекнеме повеќе етички и морални вредности кон природата и околината во која живееме, како и најблиските.

Верувам дека растенијата ме прават подобра личност и сакам да ја ширам позитивната вибрација што ја чувствувам благодарение на нив.

Фото: Приватна архива

Својата љубов кон растенијата одлучивте да ја преточите во едукативна веб-страница „Ботанико“, со истоимени профили на социјалните медиуми, каде споделувате совети за одгледување на секакви растенија. Како дојдовте до оваа идеја?

– Како биолог, факултетот и материјалот што го учев бараше совладување на голем број латински имиња од различни области во делот на моите студии.

Кога започнав со моето хоби, ми стана интересно да учам латински имиња и добро ми одеше во памтење на истите, како и различни терминологии. Почнав да читам и да учам имиња на различни растенија, а ги користев за да советувам луѓе во веќе постојни групи за растенија, каде што давав насоки за нега од лични искуства и воедно ги пишував и латинските имиња кои ги имав научено. Со ова луѓето почнаа да ја препознаваат мојата желба и љубов и некои почнаа да ме нарекуваат „доктор“ за нивните растенија, па така моите пријатели започнаа да ме притискаат моето знаење да започнам да го пренесувам преку сопствена платформа.

Иако скептична во тој период, денес сум им бескрајно благодарна што ме поттикнаа и поддржаа да го направам тоа, а верувам и сите оние кои низ годините виделе полза од моите содржини.

Покрај „Ботанико“, Вие го создадовте и прирачникот „Приказна за моите 100 растенија“. Колку е важно да се води евиденција во пишана форма за растенијата за кои се грижиме?

– Идејата за бележникот со совети се јави непосредно по првата година на постоење на тогаш silvsplants, сега botanico.mk.

сСите ние кога започнуваме да правиме нешто ново, важно е за да го совладаме побрзо, да водиме евиденција за постапките што ги правиме, работите што треба и кои ги учиме и грешките што ги правиме во процесот на учење.

Овој прирачник е една олеснителна алатка, особено во почетоците кога се стекнува една рутина за нега на растенијата и кога се совладуваат некои основни сегменти од одгледувањето.
Сите ние имаме различни начини на учење на работите, за мене отсекогаш најлесно било да водам пишана евиденција, па водејќи се по мојот пример го креирав и моето прво дело, кое го издадов самостојно во 2021 година.

Фото: Приватна архива

Влеговме во еден од најубавите периоди во годината – пролетта. Кои растенија би им ги препорачале на нашите читатели за оваа сезона?

– Ќе дадам една генерална препорака, не само за оваа сезона туку за пристапот кон изборот и одгледување растенија. Доколку читателите се мислат за започнување на ова хоби, најпрво треба да видат кои услови ги имаат во своите домови и според тоа да разгледаат кои растенија достапни на нашиот пазар би биле идеални за нивната просторија.

Растенијата се жива материја и тие не се приспособуваат на нас, нашите желби и потреби, туку ние треба да се приспособиме и да го овозможиме она што им е неопходно за правилен развој и нега.

Кои се Вашите совети за грижата за растенија во пролетниот период?

– Пролетта е позната како сезона на будење и интензивно синтетизирање на сите хормони за раст, со тоа и можност растенијата полесно да се приспособуваат на промени, побрзо да растат и се лесни за манипулација во делот на адаптација.

Најважно во оваа сезона е да се пресадат растенијата навремено и да се адаптираат во зависност од тоа каде планираме да ги чуваме во подоцнежните топли денови, да се почне со користење прихрана, да се прави пропагација и да се залеваат почесто во зависност од температурите, супстратот и начинот на одгледување.

Разговор со Павел Мише, познат како „Cactus Father“: Луѓето што чуваат кактуси се посебни битија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот