Разговор со Сања Шуплевска за уметничкиот центар „Полифонија“: Стремеж кон постојана реинвенција

Концертот на канадскиот вокалист Ори Даган, кој ќе биде придружен со врвни македонски џез инструменталисти, на 30 јули на платото зад „Ист гејт мол“, ќе го означи крајот на 43. издание на „Скопско лето“.

Продуценти на завршниот концерт на „Скопско лето“ се Канадскиот музички центар при „Полифонија“ и „Давориус продакшнс“. Уметничкиот центар „Полифонија“, пак, е продуцент на два настани на „Скопско лето“. Веќе се одржа вечер на македонски шлагери, додека гостувањето на Ори Даган во Македонија е резултат на канадските врски на „Полифонија“.

За активностите на центарот разговаравме со виолинистката Сања Шуплевска, која е дел од продуцентскиот тим на „Полифонија“.

Како беше направен изборот на овие проекти за претставување пред скопската публика?

– При оформување на програмата за македонската публика и фестивалот „Скопско лето“ тимот на „Полифонија“ интензивно се занимаваше со анализа на моментно-актуелното согласно со светските музички трендови. Минатата година подготвивме концерти со праизведби на виртуозна камерна музика од Шостакович, Раум и проектот „Вода“ на Давор Јордановски, а оваа година имаме проекти од друг жанр, но меѓусебно тематски поврзани.

Акцентот го ставивме на македонското творештво изведувајќи дел од безвременските хитови, кои оставија траен белег врз градската култура и културното наследство. Притоа овозможивме платформа за соодветно претставување на млади таленти. За вториот настан во план е репертоар на светски џез класици со извонредниот вокалист Ори Даган од Торонто во соработка со македонски врвни инструменталисти под водство на Трајче Велков. Концептот имаше потреба од летен, мирен и урбан простор и сметаме дека успешно го вклопивме во новиот амфитеатар зад „Ист гејт мол“, чиј тим имаше разбирање и инстинкт да ги поддржи настаните на „Полифонија“.

Настанот „Македонски шлагери, стари песни – нови ѕвезди“ беше во продукција на „Полифонија“

Со проектот „Македонски шлагери, стари песни – нови ѕвезди“ излеговте од строго класичниот репертоар и понудивте концерт со многу емоции и носталгија. Со каква цел?

– Проектот беше шанса да изразиме почит кон македонското творештво и музичките уметници кои беа дел од создавањето на фестивалскиот феномен на нашата земја. Истовремено ја остваривме и нашата идеја преку заеднички перформанс на стари и мошне млади музички уметници – во оркестарот и помеѓу солистите – македонските песни да се префрлат на идните генерации. Песните (некои и седумдецениски), создадени во едно поискрено време, се навистина квалитетно сработени композиции со интензивна емоција која делуваше на сите генерации во публиката. Ваквите вредности ги продлабочуваат каналите на имагинација на младите наспроти денешната фрагментација и вознемирувачкиот недостиг на интерес.

Шлагерите беа специјално аранжирани за составот на „Полифонија“, а во екипата беа ангажирани и млади соработници, вклучени за да го научат системот на продуцирање. Успехот на комплексната организација се должи и на долгогодишното искуство на продуцентот основач на „Полифонија“ – Орце Ицковски. Сосема обмислен, секој сегмент имаше своја улога при обединувањето на различни динамики и генерации. Младите надежни вокалисти, оркестарските легенди, меѓу кои Дамир, Шуте и Фис, водителот Сашо Гигов Гиш со своето темелно познавање на тематиката, настапите на Андријана Јаневска и Ристо Самарџиев и урбаниот простор на отворено помогнаа да се создаде една магична ситуација во која публиката зазема главна улога.

Вокалистот Ори Даган од Торонто со изведбата на џез-класици е познат низ целиот свет / Фотографија: Jen Squires

Гостинот од Торонто, Канада, џез-вокалистот Ори Даган настапи во Охрид, а со неговиот концерт на 30 јули ќе биде затворено 43 „Скопско лето“. Каков репертоар носи со себе Ори Даган?

– Концертот на Ори Даган, предвиден како комбинација на авторски дела и џез-стандарди со модерни аранжмани во неколку стилови, претставува европска премиера на албумот „Click Right Here“ содржан од актуелни теми (на пример, композицијата „Вируси“, чиј аранжер е нашиот Давор Јордановски, неодамна се здоби со неколку награди). Да ги споменеме и импровизацијата на „Sweet Dreams“ од „Јуритмикс“ и „Nature Boy“ на Нат Кинг Кол во самба ритам.

Со Ори нѐ врзува желбата за интерпретирање на класични песни или композиции на несекојдневен начин, при што тие стануваат нови, истовремено подостапни за поширок дијапазон на публика. Свежиот пристап на Ори, кој оваа седмица настапи и низ републиката, сметам би бил интересен и за публика која не слуша џез.

Практично, колку години постои уметничкиот центар „Полифонија“ и колку проекти годишно успевате да продуцирате?

– „Полифонија“ работи веќе 19 години, а во изминатиот период оствари многубројни настани чиј фокус не е само висок уметнички дострел при понуда на нов репертоар, туку и едукативен контекст за учесниците и публиката. Проектите на „Полифонија“ се стремат кон посветеност и интензивирање на културната врска со различните жанрови. Верувам дека афирмацијата на разновидноста го продлабочува професионализмот. Креираме и наменска програма што по својата природа не може да биде опфатена од продукцијата на националните институции, а со цел да надополни и да информира.

Во последните три години соработувавме со гости од Германија, Грција, Италија, Канада, Палестина, Русија и Србија; гостувавме во Виена, Ниш, Њујорк, Рим, Софија и Торонто; продуциравме 15-ина концерти, 3 ЦД-албуми, видеодрами и претстави за деца, создадовме курикулум за настава по музика со модерен концепт преку заеднички настап, кој сметам е најефикасен начин на пренесување на материјата.

Проектите на „Полифонија“ се стремат кон посветеност и интензивирање на културната врска со различните жанрови

Долг период, можеби 20 години, како виолинистка работеше и живееше во Канада, а сега се врати во Македонија. Би можела ли да направиш споредба на начинот на работа и продуцирање културни настани таму и тука?

– Стратегиите за привлекување публика во Канада се сложени, но секако со поголема можност за заработка. Националните медиуми и телевизијата обрнуваат внимание само на спектакуларни настани на најголемите институции, за кои јавноста е веќе запознаена преку наметнувањето на продажбата и спонзорите. Не е дозволено фотографирање и снимање на настаните поради синдикатот на уметниците, но она што е особено важно е објективната критика, која непокането е присутна на концертите грижејќи се за постојан висок стандард на претставувањето.

Во склоп на Филхармонијата на Калгари и како водач-продуцент на неколку ансамбли ги искусив тамошните детали на продуцирање мали и големи настани. Пред тоа во Скопје, ме радуваше спокојната работа при некогашниот оркестар на МРТВ. Но, она што ми донесе успех во сите средини е мојата почит кон публиката и стремежот кон постојана реинвенција и избегнувањето на втемелен начин на креирање обичен перформанс без истражување.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 139, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 јули – 2 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот