Разговор со рок-хроничарот Тошо Филиповски: Шест децении македонска рок-музика се претставени во Сараево

Фотографија: Роберт Атанасовски

Историјата на македонската рок-музика со повеќе од 400 артефакти е претставена во „Екс-ЈУ Рок-центар“ во Сараево, а зад целиот проект стои неуморниот музички хроничар Тошо Филиповски.

Авторот на „Македонска рок-енциклопедија“, Тошо Филиповски, како што ја ширеше својата издавачка дејност со следните книги, така го прошири и спектарот на интересот кон сите артефакти што се поврзани со македонската рок-музика. Така, тој создаде колекција на вредни артефакти, текстови, албуми, фотографии и разновидни аудиовизуелни материјали што се дел од иконографијата на македонските музичари и групи.

Дел од тие артефакти во наредните три месеци ќе бидат изложени во „Екс-ЈУ Рок-центар“ во Сараево, Босна и Херцеговина, а на отворањето на изложбата присуствуваше и Тошо Филиповски, кој ни ги пренесува првите импресии од интересот на сараевската публика за македонската рок-сцена.

Изложбата е поставена во „Екс-ЈУ Рок-центар“ во Сараево

На чија покана, во чија организација и во кој простор е поставена изложбата во Сараево?

– Изложбата беше отворена на 15 декември во „Екс-ЈУ Рок-центар“ во Сараево. Ден претходно, на 14 декември, во истиот простор имав промоција на сите енциклопедии што ги објавив за македонската рок-музика. Промотор беше Горан Перишиќ. Двата настана беа на покана на „Екс-ЈУ Рок-центар“, кој е сместен во сараевската „Скендерија“. Изложбата ќе може да се види и во следните три месеци, заедно со веќе постојните изложби на Центарот, за сараевската сцена, за 40 години од белградскиот њу вејв и за жените во екс ЈУ-рокот.

Центарот е извонредно опремен, со витрини, ботови и други музејски помагала, што за мене беше можност за првпат македонската музичка историја да ја сместам во вистински музеј. Четири витрини и три ѕида ми беа на располагање и во нив изградив концепт за претставување на сцената низ осум музички правци.

Промоција на енциклопедиите на Тошо Филиповски во Сараево

Што точно е претставено на изложбата?

– Станува збор за ретроспектива на шест децении рок-музика во Македонија. Едната витрина содржи дарк/алтернатива артефакти, втората е со џез/џез-рок, третата со панк/метал и четвртата со рок/инди-рок артефакти. Еден ѕид е со концертни плакати на бендови и фестивали, вториот е осмислен како „фаци“, каде што се поставени извонредни фотографии од музичари на канвас, третиот ѕид е со насловните корици на МКД ЛП остварувања во периодот 1981-1991. На самиот влез на изложбата, симболично, закачени се десетина маици од млади, односно активни бендови, кои допрва ќе бидат дел од историјата, а сега ѝ припаѓаат на сегашноста.

Изглед на две витрини во кои се поставени експонатите на изложбата

За изложбата на располагање се и три телевизори, од кои еден е централно поставен и на него се вртат спотови од поновата сцена, во една од витрините одат спотови дарк/алтернатива, а во еден бот (посебна кабина за гледање/слушање преку слушалки) се презентираат постари видео материјали од 70-тите години на минатиот век. Поставив и три паноа со оригинални фотографии, едното со фотографии од 60/70-ти години, второто од 80-тите и третото од 90-тите години на минатиот век.

Кои експонати привлекоа најголемо внимание на отворањето на изложбата?

– Хм, главно беа изненадени од сето она што го понудив, бидејќи сѐ што однесов беа оригинални артефакти. Не го очекуваа тој број и таа шареноликост од артефакти, ама верувам дека најголемо внимание ќе привлечат оние предмети што се централно, „глам-одело“ (со кондури) на Благој Трпковски, тапанарот на групата „Триангл“, кое го носи на легендарниот концерт на бендот на концерт во тогашниот Дом на млади „25 Мај“ во 1976 година. Тука е и легендарната панк-јакна на Перса (Борче Костовски од „New Police State“) со преку 600 нитни на неа од почетокот на 90-тите години, а можеби и гитарата на Васко Атанасоски („ХаХаХа“), која ја крши на последниот концерт на бендот во 2016 година.

Витрина со Златната плоча на „Леб и сол“

Внимание може да привлече и Златната плоча во сопственост на Кокан Димушевски (од првиот албум на групата „Леб и сол“), но и многу други (повеќе од 400) артефакти. И да, оваа изложба (која патем овој пат беше помогната и од Министерството за култура, најмногу околу транспортот на овие повеќе од 400 артефакти) ќе стои три месеци во Сараево… и веројатно нема да биде поставена во Македонија. Барем не додека и во Македонија не се создадат услови за отворање Музеј на македонската рок-музика, каде што достоинствено би била поставена, со уште толкав број други артефакти.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот