Разговор со поетесата Ирена Павлова Де Одорико: Афоризмот е патот кон тишината на зборовите

Фотографија: Приватна архива

Македонската поетеса, писателка и новинарка од областа на културата, Ирена Павлова Де Одорико, неодамна ја објави книгата „Афористичка татковина“, која ја посвети на својот татко Живко Павлов, бард на македонскиот хумор и сатира, и со тоа низата на свои поетски и прозни дела ја дополни со книга со афоризми!

Инспирацијата за таквиот чекор ја наоѓа во генетското наследство. Имено, нејзиниот татко Живко Павлов е еден од најпознатите македонски афористичари и сатиричари. Самата авторка себеси се смета за дводомна поетеса, бидејќи живее и работи во Венеција, Италија, а од 2015 година своите дела ги објавува и на македонски и на италијански јазик. Книгата посветена на нејзиниот татко е објавена на македонски јазик.

Објавена е Вашата книга со афоризми „Афористичка татковина“. Покрај тоа што не се песни туку се афоризми, со што друго книгата е раритет?

– Раритет е слободната критичка мисла со зачинот на една виспрена духовитост. Дури, во светски рамки, е премолчено забранета. Исто така, хуморот и сатирата се категории кои денес многу ретко се култивираат на нашата почва. Особено се ретки припадничките на женскиот пол коишто дејствуваат на тој план. Сметам дека сатирата не е полова одлика, особено кога сте пораснале во еден таков амбиент, покрај татко кој е бард на македонскиот хумор и сатира, Живко Павлов. Тоа значи дека генетиката проработела, покрај духовитата и духовна едукација.

Јазикот на духовитоста на Живко Павлов е круцијалниот мотив за книгата „Афористичка татковина“

Кој е интимниот мотив да објавите книга посветена на Вашиот татко, Живко Павлов, познат сатиричар и афористичар?

– Јазикот на духовитоста на мојот татко е круцијалниот мотив. Благодарение на него, живеам во најавтентичниот аспект на мојата земја. Во „Афористичката татковина“. Само така може да се надмине сето она што се случува во Македонија, на Македонците. Знаете, и оние што живеат во неа плаќаат висок данок за нејзината вредност, за нејзиното опстојување. Творечката оксигенација на секоја педа од таа земја, е особен фактор на нејзиниот опстанок. Ова ви го потпишува како вистина вашата дводомна поетеса. Тоа беше и сѐ уште е, начинот на кој опстојува и мојот татко во нашата земја. Преку илјадници чудесни афоризми, максими, крилатици, епиграми. Неговата мисла и идеи живеат во мене. Тоа се вика семејно духовно наследство „во мало“, исто е важно, колку што е важно нашето културно наследство во рамките на една поширока слика. Обидите тоа да се минира, не се помоќни од генијот на народот, кој во себе го носи божествениот предзнак.

Колку афоризми се објавени во книгата и што е потребно за една поетеса да стане афористичар?

– Во книгата има над стотина афоризми, максими, потоа се објавени куси поетски записи, филозофеми. Спонтано се ткаеја, бидејќи бавно ги пишував песните, доаѓаа и мигови кога имав потреба изразот да го сведам на чист минимализам, кој кажува сѐ на разни теми. Во тоа е неотповикливиот духовен предизвик и сложеност на афоризмот. Ако додадете макар и една точка, која е излишна, можете да го расипете вкусот на поентата на еден афоризам. Афоризмот е патот кон тишината на зборовите и пораките до публиката.

Хуморот и сатирата се категории што денес многу ретко се култивираат на нашата почва / Фотографија: Приватна архива

Вашата необјавена стихозбирка „Царски рез“ влезе меѓу 12-те книги во поширокиот избор за наградата „Антево перо“. Какви ќе бидат понатамошните планови со таа стихозбирка?

– Добро изведен „Царски рез“ може да има брилијантна иднина за едно ново раѓање, нова поетика, нови хоризонти. Перото може да за’рѓа, но песната – никогаш.

Живеете и работите во Венеција, пишувате и на македонски и на италијански јазик. На кој начин ги одржувате врските со татковината и на кој начин таму ја претставувате македонската уметност?

– Мислам дека Вие, како одлично информиран новинар, ги знаете моите заложби. Но, ова е одлична можност да се повтори, дека јас никогаш не престанав да живеам во Македонија, преку јазикот. Секоја година објавувам по една или две книги. За осум години овдешно живеење во Италија, повеќе збирки поезија, проза, есеи, книжевни критики, рецензии по барање на наши автори, што ми претставува особено задоволство. Влез во многу антологии, за што сум многу благодарна. Морам да изразам благодарност и до Министерството за култура, кое многу често ги прифаќа моите книги за поддршка, независно од актуелните политички гарнитури. Лично, не сум никаде партиски ориентирана, освен кон својата Татковина и нејзината добробит. Лично, се борам и дејствувам во доменот на духовниот аспект.

Инаку, овде, во Италија, го имам промовирано романот „Потстанарка“ на италијански јазик. Станува збор за психолошка проза, која на специфичен јазик и со деликатни метафори говори за сите видови потстанарство на човештвото. Во Венеција и во Болоња имам учествувано на неколку поетски читања, дел сум од неколку италијански антологии. Имам отворено неколку изложби во улога на поетеса, но и ми била дадена можноста за ликовен приказ на неколку мостри. Тоа е интересен момент, затоа што и во Скопје, Македонија, во делот на ликовната уметност, покрај книжевни рецензии имам пишувано и ликовни осврти и отворања на изложби, како на пример, една изложба на проф. Мирко Вујисиќ, на м-р Јадранка Урдаревски и други.

Една сезона одржував и предавања од книжевен аспект на темата „За метафизиката на Еросот“. А сето тоа започна во 2001 година, во рамките на Венециското биенале, каде читав поезија во рамките на проектот „Бункер поетико“. Тоа беше за прв и последен пат да се чита поезија во рамките на оваа манифестација. Учествуваа видни светски поети, како Едоардо Сангвинети, кој беше и струшки венценосец, Алда Мерини, една од најпознатите, култни италијански поетеси, а како куриозитет би ги издвоила и Далај Лама и Пол Макартни, со свои поетски записи. Темата беше „Поезијата и моќта“. Колку песната може да ја разбуди свеста во однос на човечката слобода наспроти политичката моќ. Тогашната италијанска министерка за култура, Џована Меландри, искрено ми пристапи и ми рече дека ја „промашила“ својата професија. Во миговите додека ме слушала посакала да биде – поетеса. Мошне духовито од нејзина страна, би рекла. Инаку, се отпечати и една антологија на Биеналето, каде влеговме поети во потесниот избор. Уште еден настан, пред и да го сретнам мојот италијански сопатник, ми го обележа професионалниот живот и мотив, а тоа е влезот помеѓу десетте финалисти на Европа, во годината потоа.

Неодамна, бев повикана како гостинка-поетеса на изложбата што ја организираше Љупка Делева, под наслов „31 македонски уметник во Венеција“. Убаво е да информирам дека неодамна завршив со преводот на една убава книга од италијански на македонски јазик, за која се надевам, наскоро ќе си ги најде своите читатели. Сите овие нешта ги обзнанувам преку медиумите, како долгогодишен новинар во сите медиуми на културата. Исто така, и на сите можни платформи, како креативна комуникација со мојата сакана македонска публика. Секако, и со италијанската.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 192, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот