Растат глобалните температури: 2023 ќе биде најтоплата година досега

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според прелиминарните податоци, јунските глобални температури веќе достигнуваат рекордни вредности пред доаѓањето на Ел Нињо, а експертите стравуваат дека 2023 година би можела да биде најтоплата година во историјата на мерењата.

Глобалните просечни температури регистрирани досега во јуни се за речиси 1 степен Целзиусов повисоки од претходно регистрираните нивоа за тој месец.

Со оглед на тоа што е само средина на јуни, постои можност да нема нов јунски рекорд, но климатолозите предупредуваат дека нè очекува зголемување на глобалното затоплување, што оваа година би можело да ја направи, најтоплата досега забележана, надминувајќи ја 2016 година, пишува „Гардијан“.

Минатата недела американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА) наведе дека Ел Нињо пристигнал и дека „постепено ќе се засилува“ на почетокот на следната година.

„Глобалната аномалија на температурата на површината моментално е блиску до рекордни нивоа, а 2023 година речиси сигурно ќе биде најтоплата година досега“, изјави климатологот Мајкл Ман од Универзитетот во Пенсилванија.

Финскиот метеоролог Мика Рантанен пак наведува дека температурите во јуни се веќе „надпросечни“ и дека е „сосема сигурно“ дека ќе имаме рекордно топол јуни. Оваа година, веќе видовме силни, рекордни топлотни бранови кои ги погодија Порторико, Сибир и Шпанија, додека екстремните горештини во Канада поттикнаа огромни шумски пожари кои го прекрија небото над Њујорк и Вашингтон со токсичен чад минатата недела.

Њујорк- Фото: Shutterstock Editorial / Profimedia

НОАА вчера објави дека минатиот месец бил трет најтопол мај во светот во последните 174 години, со тоа што во Северна и Јужна Америка ова бил најтоплиот мај во историјата на мерењата. Агенцијата наведува дека има 12 отсто шанси да нè чека годишен рекорд на топлина во 2023 година, но додава дека оваа година речиси сигурно ќе биде меѓу првите десет, ако не и петте најжешки во историјата.

Во мај, Светската метеоролошка организација предупреди дека глобалните температури поради Ел Нињо и емисиите ќе се зголемат во следните пет години и дека речиси сигурно ќе има рекордно топли години во тој период.

„Океаните постојано се загреваат, но сега гледаме рекордни температури, што секако е алармантно со оглед на тоа што се очекува засилување на Ел Нињо. Ова секако ќе има влијание врз остатокот од светот“, рече климатологот на НОАА, Елен Бартоу-Гилис.

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Без оглед на тоа дали 2023 година ќе биде или не најтоплата година досега, научниците предупредуваат дека ескалацијата на ефектите од климатската криза се веќе евидентни и дека глобалното затоплување нема да забави се додека емисиите на стакленичките гасови радикално не се намалат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот