Расправата за уставните измени заврши, Џафери ја прекина седницата

Собраниска седница за уставните измени / Фото: Драган Митрески

Откако заврши расправата за промените на Уставот во Собранието, претседателот Талат Џафери веднаш ја прекина седницата и најави дека дополнително ќе го закаже продолжението. Џафери не го послуша предлогот на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој побара уставните измени да бидат ставени на гласање на денешната седница.

Со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан на собраниската седница за уставните измени денеска беше усвоен предлогот на дневниот ред, односно точката за пристапување кон уставните измени.

Седницата започна со задоцнување од повеќе од еден час, а пред почетокот имало координација на партиите при што било договорено на седницата да се обраќа по еден, а другите пратеници да не се јавуваат за збор.

Пред пратениците прв се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека со цела одговорност ги отфрла лажните и невистинити тези дека постои диктат од кој било, за што било, бидејќи предложените уставни измени се однесуваат единствено на додавање народи, а македонскиот народ останува уникатен и засебен.

Предлогот за дополнување на Уставот е наш, македонски, поддржан од Европската унија и нашиот стратешки партнер САД. Тој има само една единствена релација и мотив, влез во ЕУ. Тоа што го бараат и очекуваат мнозинството граѓани во државата, ништо повеќе, ништо помалку, порача премиерот Димитар Ковачевски.

Образложувајќи го ставот на опозицијата, на денешната собраниска седница за уставните измени, професорката Гордана Сиљановска Давкова во името на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека важна е суштината, но најважно е да се применат „Копенхашки критериуми“ и затоа ги бранат, бидејќи патот за Брисел не смее да води преку Софија.

Таа посочи дека овој предлог не треба да се поддржи, туку да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи, како што вели, оваа власт е целосно делегитимирана.

Тоа што се бара е спротивно на европските вредности, без кои ЕУ нема да биде идеја, политички систем, пракса, туку машинерија на комесари собрани во комисијата, односно бирократи или меѓувладино тело на претседатели и премиери во советот. Кога го нема европскиот демос, тогаш нема влијание ниту европскиот парламент – порача Сиљановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот