Расадниците „процутеа“, букетите овенаа

Скопје, 8 март 2021 / Фото: Михаило Донев - Слободен Печат

Продажбата на сечени цвеќиња во овие денови ни оддалеку нема да ја смени сликата за драстичниот пад на прометот во овој сектор. И оние малку отворени цвеќарници, едвај живуркаат, а букети речиси и не можете да купите освен на цветниот и на неколкуте тезги по другите зелени пазари во Скопје.

Изминатава година имаше повеќе тажни отколку весели моменти, а на најголемиот дел од граѓани не им паѓаше напамет да ги полнат вазните, велат цвеќарите. Од друга страна, сопствениците на расадници се презадоволни од продажбата, бидејќи ограниченото движење и долгите карантини, ги насочија граѓаните да си ги средат дворовите. Цвеќарството е единствената гранка од земјоделскиот сектор, која е оданочена со 18 отсто ДДВ, веројатно бидејќи го сметаат за луксуз.

Речиси 80 отсто од цвеќето на домашниот пазар е од увоз, а најмногу од Холандија, Германија и Шпанија. Пред десетина години, Македонија годишно трошеше над три милиони евра за увоз на цвеќе, а најголемиот увоз се совпаѓаше со Свети Валентин и Денот на жената.

– Продажбата е опадната речиси за 80 проценти. Граѓаните сакаат цвеќе, ама изминатава година немаше свадби и други семејни веселби, па немаше ни многу поводи да се подаруваат букети. Најмногу промет имаме пред празниците 8 Март и Свети Валентин – велат продавачите на тезгите на зелените пазари. 

Лани Здружението на  производители на сезонско саксиско цвеќе, режено цвеќе и саден материјал се закани дека ќе ја уништи пролетно-летната реколта, бидејќи не можеа да го пласираат и продаваат произведеното. Тие бараа од Владата да преземе мерки со кои ќе им помогне да опстанат и во оваа криза, бидејќи поради ширењето на коронавирусот и мерките кои се на сила и граѓаните не можеа да дојдат до нивните производи.

Оваа алтернативна земјоделска гранка има десетици компании, стотици вработени, огромни вложувања во опрема и инфраструктура, се развива континуирано, а во споредба со другите земјоделски гранки изложена е и на највисоки оданочувања. Од Здружението апелираа граѓаните да продолжат да купуваат цвеќе, но не добија ни денар од државната помош.

Од друга страна, сопствениците на расадниците се презадоволни од продажбата, бидејќи во пандемијата сѐ повеќе граѓани се свртеле кон градинарството. Актуелните видови што се најбарани за разубавување на цветните леи се петуниите, далиите, циниите, бегониите, но и зимзелените дрвца.

– Продажбата на дворен расад одеше одлично. Се купуваа сардели, петунии, бегонии… Граѓаните од немај каде се свртеа кон уредување на дворовите, така што може да се каже дека кај нас се одвиваше обратен процес за разлика од режените цвеќиња. Сѐ што произведуваме е за домашниот пазар – вели за „Слободен печат“ Дејан Талески од „Гарден корнер“ во Прилеп.

Сличен одговор добивме и во „Гарден центар Ристови“ од Струмица.

– Изминатава години ни беше одлична. Долгите карантини го сторија своето и сите што имаа куќи и викендички, ги уредуваа дворовите и направија вистински рајски градини. Најмногу се трошеше саксиското цвеќе, но и зимзелените дрвца. Нашата дејност е единствената која меѓу другите земјоделски гранки е оданочена со 18 отсто ДДВ. Не сме организирани во здружение и не добивме помош од државата – вели за „Слободен печат“ сопственикот Илчо Ристов.

Дома најмногу се произведуваат циклами, гербери и ириси

Во земјава најмногу се увезуваат лалиња, кринови, стрелиции, ружи, орхидеи, а дома се произведуваат циклами, гербери, ириси, каранфили и кали. Најмногу режен цвет во земјава се произведува во Гевгелија, Валандово, Струмица и во Скопје. Цветното производство во „Флораком“, кој е дел од скопски „Паркови и зеленило“, изнесува над 600.000 парчиња годишно. Тие произведуваат саксиско цвеќе, кое се дистрибуира во нивните продажни центри, а се занимаваат и со внатрешна декорација. Од сечените цветови Флораком произведува само стрелиции и кали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот