Рама го бранеше Османи од Русите во ОН: Да, тој е Албанец од Северна Македонија, не знам што е проблемот, ОБСЕ има важна улога

Бујар Османи во ОН/ Фото: ОН/Manuel Elías

Русија се спротивстави на присуството на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на дебатата во ОН, во улога на претседавач со ОБСЕ и реагираше до албанското претседателство, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик.

– На која основа го каните министерот за надворешни работи на Северна Македонија на денешната средба, во својство на претседавач со ОБСЕ? – реагирал рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензи до албанскиот премиер Еди Рама, кој преседаваше со вчерашната дебата во седиштето на ОН.

По оваа забелешка веднаш следувал одговорот од Рама.

– Не знам што е проблемот, бидејќи ОБСЕ игра важна улога и е тука благодарение на нивниот придонес. Да, претставникот овде е Албанец од Северна Македонија, но кога би било појасно што е проблемот, со задоволство би ве ислушал – реагирал Рама.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамки на 78-то Генерално собрание на ОН кое оваа недела се одржува во Њујорк.

Според Османи, комбинираното присуство на Северна Македонија и Албанија во ОН, кога се одбележуваат 30 години од соработката помеѓу ОН и ОБСЕ, е силен знак на посветеност и одговорност од две балкански држави, соседи и партнери, кои претседаваат со двете клучни мултилатерални платформи.

Како што соопшти МНР, говорејќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи повторно се осврнал на агресивната војна на Руската Федерација против Украина, истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.

– Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски кои беа напишани и потпишани од истата Русија која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа, влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија – рече Османи.

Тој додаде и дека во рамките на ОБСЕ се чувствува влијанието од војната пред сè врз луѓето, но и врз политиката меѓу регионите и врз институциите кои се создадени како платформа за дијалог и одржување на мирот, а не се користат така.

– Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на оваа агресија, меѓународните форуми како овој да се заменуваат со бојното поле, а аргументите со брутална сила, без придобивка за никого. Па, објаснете ми: кој добива од оваа војна? – праша во своето обраќање Османи.

Тој најави и дека планира втора посета на Украина како претседавач со ОБСЕ, по првата која ја реализираше во јануари, со цел директно да ги слушне потребите, надежите и стравовите на луѓето на терен, а поддржувајќи го мотото на Претседателството „За луѓето се работи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот