Првата дама Елизабета Ѓорѓевска: Воздухот што го дишат македонските граѓани е меѓу најзагадениот во Европа

Еколошката криза влијае на здравјето на луѓето. Да го земеме за пример загадувањето на воздухот. Пред пандемијата, годишно, поради загадувањето на воздухот во светот умирале околу три милиони луѓе, односно еден од девет смртни случаи во светот се должел на лошиот квалитет на воздухот, истакна сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска.

– Воздухот што го дишат македонските граѓани, а особено жителите на урбаните центри, е меѓу најзагадениот во Европа. Овој еколошки проблем предизвикува многу болести, оштетување на белодробната функција, астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), кардиоваскуларни пореметувања и предвремена смртност, изјави Ѓоргиевска на онлајн трибина „Зачувување на животната средина значи зачувување на нашето физичко и ментално здравје” спроведена од Здружението „Амигдала” во соработка со „Љубов сме – Jemi dashuri”.

Таа нагласи дека потребна ни е развиена еколошка свест и совест за да можеме да ги согледаме сите димензии на животот – физичката, биолошката, психолошката, општествената, културната и духовната.

– Неопходна е уште потесна соработка меѓу здравствениот и еколошкиот сектор за да се заштити и унапреди човековото здравје. Јавното здравство е науката и вештината за превенирање болести, продолжување на животот и промовирање здравје низ организирани напори на општеството. Јавното здравство не се фокусира само на искорнување на болестите, туку на постигнување на благосостојба. Тоа подрабзира интердисциплинарен пристап. Бидејќи, здравјето има мултидимензионална природа, јавното здравство мора да има интердисциплинарен пристап, што секако вклучува и еколошки аспект. Еколошките закани по дефиниција се и закани за здравјето на луѓето. А здравјето не е само физичко, туку и психичко, потенцираше Ѓоргиевска.

Таа посочи дека за жал, живееме во време кога здравјето на планетата е сериозно нарушено, а многу од здравствените проблеми со кои се соочуваме се последица на општествено конституирани реалности, наративи и светогледи кои имаат редукционистички поглед на природата и човековото место во неа.

Според неа, доминантната логика на конзумеризмот не оттуѓи од природата која ја сведе на материјален ресурс што треба неконтролирано да се експлоатира и уништува и неа како човештво станавме слепи за очигледното – дека уништувајќи ја природата, ја сечеме гранката на која седиме и од која се храниме.

– Како што пандемијата не може да се третира само како здравствен, туку и социо-економски и еколошки проблем, така и загадувањето на природата не е само еколошки, туку и здравстен проблем. Индивидувалното здравје на човекот е поврзано со колективното здравје на општеството, кое, пак, зависи од здравјето на животната средина, посочи Ѓоргиевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот