Противниците на Македонија на ЕП 2024: Швајцарија ни е најдобрата шанса за победа

EPA-EFE/ENNIO LEANZA

Македонија има најдобри шанси за победа против Швајцарија, во групата во која фаворити се Франција и Германија. Во списокот на швајцарскиот тим половина играчи се од германската лига, а половина од домашното првенство. Македонија досега во шест меча против Швајцарија има шест победи

Ракометната репрезентација на Македонија најдобрата шанса за победа во Групата А на претстојното Европско првенство (10-28 јануари) ќе ја има против Швајцарија. Другите две репрезнетации во групата, Франција и Германија имаат фаворитски улоги во мечевите со црвено-жолтите.

Мечот Македонија – Швајцарија ќе се игра на 6 јануари во Берлин, како дел од третото и последно коло во Групата А. Македонија досега има одиграно шест официјални меча со Швајцарија и сите ги добила. Но, тоа не значи дека нашипот тим ќе биде фаворит во дуелот на ова ЕП, затоа што црвено-жолтите се подмладени, а Швајцарците ќе имаат искусен тим, речиси половината од составот им игра во германската Бундеслига.

Селекторот на Швајцарија е Михаел Сутер, стручњакот кој полека го издигнува нивото на резултатите на овој тим. Репрезентацијата под водство на Сутер успеа да се квалификува за Европското првенство во 2020 година. Тоа беше прво учество на едно ЕП за Швајцарија по пауза од шест европски самити (од 2006 година). Но, Швајцарците потоа не се квалификуваа за ЕП 2022. Светското првенство 2021 година Швајцарија го заврши на 16. место, откако претходно отсуствуваше од 12 светски самити. Потоа, Швајцарија не се квалификува за СП 2023.

За ова Европско првенство Сутер објави листа од 20 ракометари, 11 од домашното првенство и девет од силната германска Бундеслига.

Најдобриот стрелец во Европската лига сезонава, Андре Шмид (40, Криенс – Луцерн) е на списокот, како и голманот Никола Портнер (30), кој настапува во европскиот шампион Магдебург.

Сутер немаше среќа, во периодот пред ЕП, изгуби двајца важни репрезентативци. Отпадна повредениот Самуел Ротлисбергер (Штутгарт), пивотот кој игра одлично напад и одбрана, а исто така поради повреда отпадна и десниот бек Димитриј Кител (Кринс – Луцерн).

„Легионерите“ кои во шавајцарската репрезентација доаѓаат од германските тимови се пивотите Лукас Мајстер (Магдебург) и Лукас Лаубе (Штутгарт), левите бекови Лени Рубин (Вецлар), Мануел Зендер (Ајзенах), левото крило Самуел Зендер (Лемго), десното крило Максимилијан Гербл (ТСВ Хановер) и голманот Леонард Грациоли (Хитенберг).

Швајцарија ќе го игра првиот меч на ова ЕП против Германија во првото коло во Групата А, против домаќинот Германија на адаптираниот фудбалски стадион во Диселдорф, пред публика од 53.000 навивачи на „панцерите“. Селекторот Сутер е свесен за притисокот што ќе го имаат неговите ракометари, пред рекордно бројна публика.

– Да играте пред публика од 53.000 е нешто непоимливо. Но, да не правиме голема работа до тоа – вели Сутер.

Македонија досега одиграла шест официјални меча со Швајцарија и сите ги добила. Сите шест беа од квалификации за европски првенства. Во мај 2021 година во Македонија триумфиравме со 29-28, претходно како гости во ноември 2020 победивме 25-23. Во јуни 2015 година победивме кај Швајцарците со 26-17, во септември претходната година дома ги совладавме со 27-20. Во 2013 година Македонија победи кај Швајцарија со 22-27, а една година претходно во октомври ја совладавме како домаќини со 30-24.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот