Проф. Колевска, шумарски експерт: Обновата на опожарени шуми чини двојно повеќе!

Опожарени шуми. / Фото: МИА

Редовно пошумување на еден хектар со 2.000 садници, во просек чини 1.500-2.000 евра. Во случаи на пошумување опожарени површини, цената се зголемува двојно, бидејќи пред самото пошумување треба да се изврши санација на теренот и негова подготовка.

Првите десет години по шумски пожар се најкритични, вели професорката Дана Дина Колевска, експерт за пошумување, од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг Ханс Елм од Скопје.

За „Слободен печат“ таа го објаснува процесот на пошумување опожарени површини. Кај разни дрвни видови и на различни терени заокружен процес на пошумување може да трае и до 10 години, вели професорката Колевска.

Таа објаснува дека за да се подготви процесот на обнова на изгорените шуми, потребно е претходно да се обезбеди семенски материјал и производство на околу 12-15 милиона садници.

– Пошумувањето често се поистоветува со засадување садници. Но, садењето е само една од „алките“ во синџирот на активностите што претставуваат заокружено пошумување и тоа почнува со избор на квалитетни стебла од кои ќе се собере семе и од кое ќе се произведат садници. За да созрее семето, се чека една до три години, а и производство на садниците трае три до четири години. Треба да се собере доволна количина семе оваа есен, за што веќе треба да има стручњаци на терен за да се анализира родот, неговата количина и квалитет – објаснува проф. Колевска.

На теренот, информира таа, во моментов се врши третирање на земјиштето и обработка на почвата, па дури тогаш следува садење на садници, но и после садењето не завршува работата на шумарските стручњаци и оперативата.

– Младите садници во наредните неколку години треба да се плеват, окопуваат, заштитуваат, треба да се заменат исушените садници итн. Дури откако ќе се констатира дека младата култура ја има бараната густина и може да се развива без помош на човекот, пошумувањето се смета за успешно завршено. Малите садници, кои ќе се засадат на опожарената површина, ќе треба да се борат со многубројни непријатели – плевели, штетници, незаштитен терен изложен на ерозија, сончева инсолација, суша, но и штетни активности на  човекот – вели нашата соговорничка, која е експерт за пошумување.

За да се пресмета колку ќе чини целокупната активност на обновување на изгорените шумски предели што го вети Владата по катастрофалните пожари во Беровско-пехчевскиот регион, според професорката Колевска, во цената треба да се вкалкулира и претходна санација на теренот и негова подготовка и заштита, да се изврши сеча и извлекување на изгорени или нагорени стебла и заштита на земјиштето од можна ерозија.

– Редовно пошумување еден хектар со 2.000 садници, во просек чини 1.500-2.000 евра. Во случаи на пошумување опожарени површини, цената се зголемува двојно, бидејќи пред самото пошумување треба да се изврши санација на теренот и негова подготовка. Тие пари помножете ги со онолку хектари колку ќе треба да се пошумат и од таа цифра ќе ве заболи главата – вели професорката.

Овие активности, покрај финансии, бараат и време, бидејќи таква количина садници во моментот не може да се најде во шумските расадници низ нашата земја и треба да се произведе.

– На опожарените површини по првите дождови нагло ќе почне да се развива вегетација, главно плевелна, било од семе, од корени или од пенушки. Тоа, од една страна, игра позитивна улога во заштита на земјиштето од ерозија, но од друга страна ќе претставува сериозен конкурент на засадени садници – вели Колевска.

Ја прашавме и што ќе биде со Малешевскиот регион сега кога тој остана без шума, како тоа ќе го смени животот на луѓето.

Шумата нема да ја снема, но тоа нема да биде шума каква е карактеристична за Малешевскиот регион. Но, ако не се изврши пошумување, базирано врз планска документација, природата ќе се погрижи опожарените терени да обраснат со тревеста, грмушеста и дрвенеста вегетација, со изданоци од пенушки и од семе што ќе долета од некои други стебла. Со таква „шума“ практично не ќе може да се стопанисува, тоа ќе биде џунгла од треви, папрати, капини, грмушки и дрвја – предупредува професор Колевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот