Продажбата на салами е намалена до 30 отсто, домашните преработувачи немаат шанси со увозната шунка и мортадела што влегуваат без царини

Слами во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

И додека сопствениците на свињарските фарми во Србија проценуваат дека цената на свинското месо до Нова година ќе стигне до 500 денари за килограм, домашните преработувачи не сакаат да шпекулираат со бројки, но потврдуваат дека ќе има поскапување

Домашните преработувачи не сакаат да шпекулираат колку ќе поскапи свежото свинско месо, но потврдуваат дека неговата цена секако ќе се зголеми. И додека од свињарските фарми во Србија проценуваат дека цената на свинското месо до Нова година ќе стигне до 500 денари за килограм, поради повисоките цени и во Европа и намалената понуда Гоце Трајчев, генерален директор на МИК Свети Николе и претседател на Групацијата на преработувачи при СКСМ, вели дека фармерите ќе излезат со свои калкулации.

– Свинското свежо месо ќе поскапи, но за колку е најдобро да ги прашате фармерите. Досега обезбедувавме повеќе од 90 отсто од потребите за домашниот пазар, па дури остануваше нешто и за извоз. Одгледувачите досега добро се држеа во однос на африканската чума, со зголемено почитување на безбедносните мерки. Но, чумата царува во Европа, па тоа ќе се рефлектира и врз месото за преработка. Оваа болест не е опасна за здравјето на луѓето, но нанесува огромни економски штети – појасни Трајчев.

Од друга страна, преработувачите имаат пад на прометот меѓу 20 и 30 отсто, бидејќи упорно не се решава нивното барање за бесцарински увоз на месни суровини. Затоа и не можат да се борат со увозните салами што слободно влегуваат во земјава со „0“ отсто царина.

– Битката е нерамноправна, а единственото оправдување на Владата е дека ЦЕФТА не дозволува продолжување на мерката што беше воведена пред две години, за да не се наруши пазарот – додава Трајчев.

Во периодот на пандемијата, потрошувачката на месни преработки се зголеми, а се намали и увозот на свежото свинско месо од 12.600 на 11.500 тони. Со почетокот на кризата, пак, имаме – благо намалување на домашното производство и раст на увозот на свежо свинско месо и преработки. Инаку, домашните фабрики увезуваат месо за преработка од Шпанија и Холандија, оти на просторите на бившата ЈУ нема ни грам вишок свинско месо.

Производителите на салами се пожалија и дека од Владата наместо подобрување на условите добиваат казни од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која домашните компании ги контролира според домашниот Правилник за адитиви, а увозните според оние што важат во соседството или во ЕУ. Прецизира дека нашиот правилник дозволува учество на фосфати и полифосфати во преработките од 0,5 или 5.000 единици, а во сите соседни земји и во европскиот правилник е дозволено 0,8 или 8.000 единици.

Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија посочи дека нашиот правилник не прави разлика од природни и додадени фосфати и прецизира дека во ЕУ и во соседството е предвидено не повеќе од 0,5 да бидат додадени и не повеќе од 0,3 да бидат природни фосфати во преработките од месо.

– Располагаме со податоци за производи од странски компании каде што има 0,57, 0,54 отсто присуство на адитиви и тоа е регуларно, но домашна компанија што направила салами со 0,51, 0,52 е казнета и ѝ се забранети цели производни групи, што не е во ред – рече Ристовски.

Месарите бегаат во зоните

Производителите на салами ја делат судбината на целата преработувачка индустрија, што значи дека и со зголемувањето на платите и другите бенефиции, месарите бегаат во индустриските зони, вели генералниот директор на МИК Свети Николе. Според Трајчев, тие не може да се тркаат со фабриките што работат во зоните, иако го полнат Буџетот.

– Се трудиме, ама ја губиме битката со инвеститорите во зоните, бидејќи тие добиваат помош од државата. Земете го примерот на мојата фабрика ние лани само за царини во Буџетот сме уплатиле 27 милиони денари, плус 28 милиони денари за придонеси, а не сме добиле ниту денар – вели тој.
Просечната плата на месарите е околу 600 евра, a оваа професија е една од најбараните и во регионот каде што се нудат далеку повисоки плати.

Фабриките без поговор ги откупуваат домашните вишоци на месо

И покрај намалената цена на струјата, транспортот остана висок трошок на компаниите од месната индустрија, но тие не го префрлија врз потрошувачите и периодов немаше голем раст на цените на производите.

– Дополнително, свињарските фарми во овој период не претрпеа никакви загуби во производството додека траеја мерките за бесцарински увоз на месо. Напротив, го зголемија производството што говори дека преработувачите не бараат „леб преку погача“. Компаниите покажаа општествена одговорност и кога Владата повика да се откупи свинското месо за време на ширењето на свинската чума, а така се однесуваат и секогаш кога ќе се појават вишоци на произведено домашно свинско месо – рече Васко Ристовски од СКМСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот