Приведен поранешниот словачки премиер Роберт Фицо, организирал антиковид протест

Поранешниот премиер на Словачка, Роберт Фицо/ Фото EPA-EFE/JAKUB GAVLAK

Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо вчера бил уапсен од полицијата во Братислава поради организирање на антивладин протест што бил забранет поради карантин, пренесува Индепендент.

Левичарската партија Смер-социјалдемократија на Фицо и полицијата потврдија дека поранешниот премиер е уапсен синоќа, пред почетокот на протестот во главниот град на Словачка.

Полицијата соопшти дека до денеска нема да дава повеќе детали за настанот.

Словачката влада кон крајот на ноември воведе строги мерки, меѓу кои и забраната за јавни собири на повеќе од шест лица, вклучувајќи и протести, за да се справи со рекордниот раст на инфекции со коронавирус.

Фицо, популистички лидер, јавно го критикуваше одговорот на владата на пандемијата на коронавирусот и се спротивстави на вакцинацијата.

Пандемијата стана голем предизвик за сегашната коалициска влада, која ја презеде власта откако Фицо загуби на изборите на почетокот од минатата година.

Претходно годинава словачкиот Уставен суд одлучи да не се организира национален референдум за распишување предвремени парламентарни избори.

Претседателката Зузана Чапутова побара од Уставниот суд да се произнесе по ова прашање откако повеќе од 585.000 словачки граѓани потпишаа петиција за одржување предвремени избори, предложена од опозицијата во врска со одговорот на владата на пандемијата.

Словачка е една од најтешко погодените земји во Европската унија. Државата од 5,5 милиони жители регистрирала повеќе од 794.000 инфекции со 15.730 смртни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот