Приватните специјализанти бараат плата од 40 илјади денари и трајно вработување

Фото: Драган Митрески

Здружението на лекари специјализанти го поздравува најавеното линеарно покачување на платите за 5 проценти за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и верува дека ваквиот тренд мора да продолжи.

„Потсетуваме и бараме да не се заборави значајна група од над 300 лекари – приватни специјализанти кои секојдневно работат рамо до рамо со нивните колеги за само 26 илјади денари, односно нешто над минималната плата. Ниедно покачување до сега не ја опфати оваа група на лекари кои уште немаат ниту пензиско осигурување и сите најави за трансформација на нивниот работен однос пропаднаа, со што оваа група на лекари беше повторно изиграна од Министерството за здравство.

Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во износ од 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања досега. Се надеваме на брз одговор од Министерството за здравство на оваа тема“, велат оттаму.

Во реакцијата се вели дека приватните специјализанти се разочарани од третманот на Министерството за здравство.

„Месечниот надоместок од 26 илјади денари којшто го добиваме како специјализанти, кој има за цел да ја признае нашата стручност и посветеност, не може да ги покрие дури ни основните животни трошоци, бидејќи не задоволува ни половина од потрошувачката кошничка во државава. Тоа значи дека нашиот живот е сведен на минимум, притоа сме оставени и без соодветно здравствено осигурување. Во изминатиов период неколку пати се зголемија платите на здравствениот персонал, повторно е најавено зголемување на платите од март, а ние приватните специјализанти сме постојано исклучени од покачувањата на платите на здравствениот персонал. И ние приватните специјализанти сме составен дел од здравствениот систем, но со третманот којшто го добиваме се чувствуваме исклучени од истиот“, реагираат приватните специјализанти.

Во моментов во Клиничкиот центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти. Тие бараат Министерството за здравство да им го реши статусот и да им ги покачи платите, а во спротивно велат дека ќе бидат приморани да престанат да извршуваат обврски на Клиниките.

„Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ниту еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички центар“, се вели во дописот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот