Пријателите тврдат: Џереми Ренер е во „многу покритична состојба“ по тешката несреќа отколку што се известуваше

Џереми Ренер во својата болничка соба / Фото: Фото: Инстаграм/Џереми Ренер

Американскиот актер Џереми Ренер е во „многу покритична состојба“ по тешката несреќа отколку што досега се известуваше во медиумите, тврдат неговите пријатели за „Рејдар онлајн“.

Имено, Ренер ги расчистувал патиштата во близина на неговиот дом во Невада, со цел да им го олесни патот на неговите роднини, кои ги поминале божиќните празници со него, а веќе требало да си одат дома. Тие биле покрај него во моментот кога се случила несреќата.

Иако не врнело снег во моментот на несреќата, шерифот на округот Вашо Дарин Балаам изјави дека автопатот бил затворен поради тоа што на него сѐ уште имало снег кој не бил исчистен од претходно, пренесе „Си-ен-ен“.

Балаам сподели дека Ренер бил прегазен од неговиот ратрак, откако машината почнала да се лизга кога тој не бил на возачкото седиште. Тој се повредил додека се обидувал да се врати во ратракот.

Портпаролот на Ренер за „Си-ен-ен“ изјави дека актерот се здобил со повреди на градниот кош и нозете.

Меѓутоа, неговите пријатели сега велат дека повредите на актерот биле многу полоши од оние кои биле објавени во јавноста и дека „речиси искрварил до смрт“ додека ги чекал лекарите од Итната медицинска помош.

„Состојбата е многу полоша отколку што сите знаат. Џереми е свесен за фактот дека можел да умре. Десната страна од градите му била смачкана и горниот дел од торзото му пропаднал. Тој, исто така, имал тешка рана на главата, која крварела, како и повреда на ногата“, споделил извор близок до Ренер за „Рејдар онлајн“.

Холивудскиот актер е свесен за степенот на неговите повреди и дека пред него е долг и макотрпен пат на закрепнување, а пријателите велат дека може да поминат и две години додека да се врати во форма.

„Џереми имаше големи болки и тешко дишеше. Знаеше дека е во лоша состојба и дека можеби нема да се извлече од сѐ ова. Неговиот граден кош бил толку смачкан што мораа да му го реконструираат со операција. Досега му направија две операции и, веројатно, ќе му направат уште неколку во следните недели поради повредата на ногата“, раскажал изворот.

Членовите на неговото семејство се постојано покрај него и се обидуваат да го расположат додека не закрепне.

„Тој добро се држи. Има цевки кои му помагаат да дише, но тој е борец и е решен да го преброди ова“, додал изворот.

Повеќе на темата:

Џереми Ренер се јави од болница: Премногу сум збунет, ви благодарам за убавите зборови

„Спа момент за подигнување на расположението“: Џереми Ренер полека се опоравува

По бизарната несреќа и операциите, роденденот го прослави во болница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот