Александар Лукашенко/ Фото: EPA-EFE/ANDREI STASEVICH

Приближување меѓу Белорусија и САД – Минск во „офанзива на шарм“

Руско-белоруската воена вежба „Запад 2025“ заврши без ескалација. Наместо тоа, се случи нешто зачудувачко: владата во Минск воспоставува нежни врски со Вашингтон. Како да се сфати ваквиот развој на настаните?

Загриженоста на државите од источното крило на НАТО поради можна ескалација беше голема. Вкупно „100 илјади војници“, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на воениот маневар во вторникот (16.09), учествувале во петдневната руско-белоруска воена вежба „Запад 2025“. Вежбите опфаќале одбранбени стратегии на копно, во море и воздух. Се вежбало и оперативно планирање за новата руска ракета од среден дострел „Орешник“, која може да биде опремена и со нуклеарно оружје.

Уште во пресрет на вежбата, внимание привлекоа голем број руски дронови, од кои неколку беа соборени над полскиот воздушен простор. Сепак, воената вежба заврши без натамошни ескалации, а дали бројот на војници што учествувале и де факто бил толку голем колку што наведе рускиот претседател, е спорно, иако, според Путин, маневрите се одржале на „вкупно 41“ локација меѓу Баренцово Море и Белорусија. Во маневрите, според Кремљ, учествувале и „армиски контингенти“ од Индија, Бангладеш, Иран и, меѓу другите, Буркина Фасо и Мали. Според Министерството за одбрана во Њу Делхи, Индија испратила само 65 војници за вежбата, а бројките од другите земји не се наведени, но веројатно не биле значително поголеми.

Во Белорусија, според тамошниот министер за одбрана, учествувале само „6 илјади белоруски и илјада руски војници“.

Воени набљудувачи од САД

Општо погледнато, однесувањето на белоруските државници во изминатите денови беше во изненадувачки контраст со настапот на Путин, кој во маскирна униформа демонстративно се расфрлаше со бројки во Нижни Новгород и зборуваше за вежбата како за „одвраќање на потенцијални агресори“.

Белорускиот лидер Александар Лукашенко, пак, се обиде да деескалира и рече: „Немаме намера никому да се закануваме “. Во Русија не беа дозволени набљудувачи, додека првиот човек во Минск на десетици новинари и воени набљудувачи им дозволи влез во земјата и да ги набљудуваат вежбите во близина на Борисов. Поканети беа и воени лица од три земји-членки на НАТО: Турција, Унгарија и САД.

Всушност за првпат од 2017 година две американски воени лица беа присутни како набљудувачи. Според наводи во весникот „Њујорк тајмс“, со нив се ракувал белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин. „Ништо не криеме. Ви покажуваме што сакате!“, рекол министерот и потоа им наложил на своите подредени да ја одведат делегацијата до „најдобрите места“ за да видат сè.

Минск во „офанзива на шарм“

Овој настан е само кулминација на развојот на ситуацијата откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата на 20 јануари годинава. Само една недела подоцна, режимот на Лукашенко ослободи претходно затворен американски државјанин – според политикологот Кацијарина Шмацина од институтот Лофер од Вашингтон, „пресметан гест за да се привлече вниманието на Вашингтон“.

Уште во февруари претставници на американскиот Стејт департмент отпатуваа во Минск за да преговараат за ослободување и на други политички затвореници во Белорусија.

Шемата се повтори во јуни 2025 година, кога по посетата на Минск од страна на специјалниот претставник на САД, Кит Келог, беа ослободени уште 14 политички затвореници, вклучувајќи го и истакнатиот опозиционер Сергеј Тихановски, кој сакаше да биде противкандидат на Лукашенко на претседателските избори во 2020 година. Изборите беа проследени од големи протести против долгогодишниот владетел, на кои режимот одговори со масовна репресија.

Минатата недела претставници на САД повторно отпатуваа во Минск – овојпат обезбедија ослободување на 52 затворени новинари и критичари на режимот. За возврат, САД ги ублажија санкциите против белоруската државна авиокомпанија Белавија.

Што очекуваат Трамп и Лукашенко?

Но, колку е сериозно зближувањето меѓу Минск и Вашингтон? „Претседателот Трамп очигледно смета дека Лукашенко може да му помогне да го убеди Путин да ја прекине агресијата во Украина и да се вклучи во мировен процес“, анализира за ДВ, Џон Хербст, поранешен амбасадор на САД во Киев, а денес директор на Центарот за Евроазија при Атлантскиот совет. „Но, не мислам дека надежта ќе се оствари“, додава тој.

Трамп вети дека брзо ќе стави крај на војната во Украина, но не успеваше да се справи со рускиот претседател. Александар Лукашенко, пак, е политички и економски речиси целосно зависен од Путин. „Да, тој е цврсто во прегратка на Кремљ“, вели Џон Хербст, „но би сакал да ја олабави и да има малку повеќе слобода – за да не мора секогаш само да ги исполнува желбите на Путин и да се покорува на неговите каприци. Лукашенко отсекогаш се стремел кон одредена близина до Западот, а особено до САД“.

Под потпетицата на Кремљ

Уште од времето на руската анексија на Крим во 2014 година, долгогодишниот белоруски диктатор се обидува да се позиционира во Вашингтон како „помалото зло“ во однос на Владимир Путин, пишува Кацијарина Шмацина. Затоа и во многу наврати имало контакти меѓу двете администрации. Сепак, останува нејасно колку Лукашенко всушност е сериозен во врска со неговата „офанзива на шарм“ спрема Вашингтон – и колку дејствува независно од Москва.

Додека Доналд Трамп се надева дека ќе го искористи долгогодишниот белоруски диктатор како лост до Владимир Путин, сосема е можно претседателот од Минск да ја игра својата улога во тесна координација со Москва. Џон Хербст предупредува дека „Лукашенко е злосторник. Тој води брутален авторитарен режим и делумно ја овозможи агресијата на Путин врз Украина. Нема сомнеж дека Лукашенко е близок партнер на Кремљ“. Се разбира дека бара олабавување на сегашните санкции на САД во однос на Белорусија. Но, тоа е меч со две острици – токму затоа што Русија и Белорусија на економски план се толку тесно испреплетени. „Колку што му е подобро на Лукашенко, толку му е подобро и на Путин“, вели Хербст.

Извор: Дојче веле/ Автор: Томас Лачан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот