Презентирани плановите за просторот околу Кале: На местото на куќите „нацртано“ зеленило

Просторот околу скопското Кале каде што сега има куќи, како и оној околу Музејот за современа уметност, треба да бидат парковско зеленило, поради тоа што се наоѓаат во подрачје кое е заштитено културно наследство. Новите предлог-планови, кои предвидуваат уривање на поголем број куќи, денеска беа претставени пред жителите на населбата.

Предлог-деталните урбанистички планови за Градската четврт-ЦС 01 Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 и Градска четврт-ЦС 14 Кале и СРЦ Кале во моментов се на јавна анкета. На жителите од населбата, измените и придобивките од новите планови им ги презентираа претставници од Секторот за урбанизам на Општина Центар, заедно со претставници од планерската куќа која ги изработуваше плановите.

На дел од спортско-рекреативниот комплекс „Кале“, каде во стариот ДУП беше предвидена изградба на хотелски комплекс со приземје, шест ката и поткровје, од кој дел се наоѓа на државно земјиште, ќе се гради помал хотелски комплекс на приземје и три ката, а државното земјиште се пренаменува во парковско зеленило на 3.074 метри квадратни. На местото каде што според стариот план беше предвидена изградба на објект за спорт и рекреација, во новиот план на целата градежна парцела има зеленило, на површина од 15.980 м2. Таму каде е предвиден хотелски комплекс со приземје и два ката со развиена површина од 12.597 м2, пак, ќе се гради приземен објект со вкупна развиена површина од 5.963 квадрати. Јавен паркинг и парковско зеленило на површина од 7.860 м2 се предвидени за реализација во новиот план, на местото на катна гаража со осум нивоа, а на местото каде претходно беше вцртан објект со категорија В4 – државни институции, ќе никне првата детска градинка во населбата Кале.

Плановите ќе бидат изложени во читалната „Славко Јаневски“ до 16 септември и во тој период граѓаните ќе можат пополнетите анкетни листови со свои забелеѓки и сугестии да ги доставуваат до општината.

„Во моментов на територијата на градските четврти ЦС 01 и ЦС 14 има вкупно седум важечки детални урбанистички планови за поединечни блокови, донесени во 1993, 2002, 2004, 2009, 2010 и 2 во 2012 година. Некои од нив ги има само во хартиена форма, а територијата на Калето и Музејот на современата уметност досега воопшто не била третирана со детален урбанистички план. Со завршувањето на постапките за овие две градски четврти, ќе се добијат два детални урбанистички плана, кои се дигитални и меѓусебно интегрирани,“ информираат од Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот