Претставите „Франкенштајн“, „Пул“ и „Роденден“ се на програмата на 48. Млад отворен театар

Сцена од претставата „Франкенштајн“

Третата вечер со претстави кои се во селекција за наградата „Биш“ на 48. Млад отворен театар (МОТ), на 15 ноември ги носи претставите „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци, „Пул“ (Pool) поставена како копродукција помеѓу „Артопија“ и MОТ, и „Роденден“ на Штипскиот театар.

Претставата „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци, која се игра во терминот од 18 часот, е поставена на текстот на Мери Шели во режија на Кокан Младеновиќ. Претставата им се обраќа на младите со цел да се запрашаат за оние ставови што им се наметнуваат од нивните родители, од училиштето, од општеството, а кои воопшто не се добри.

Претставата има за цел да ги истражува различните практики на дискриминација во општеството во кое живееме. Прашањето кој е и што е; што може да биде и кој сè може да биде „чудовиште“, а пред сè прашањето кој проценува и одредува дека другиот е чудовиштен – е темата на оваа претстава.

Во претставата играат Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски, Симона Спировска, кои се автори и на текстот, а драматургијата е на Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски.

Сценограф е Кирил Василев, костимографијата е на Александра Пециќ Младеновиќ, композитор на музиката е Лука Кантарџиев, текстот за музиката е на Никола Ристески со актерите, кореографијата е на Олга Панго, на фотографијата и дизајнот на плакатот работеа Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева, а видеоматеријалите се на Емил Петро.

Илустрација за претставата „Пул“

Претставата „Пул“ (Pool) ќе биде изведена во 20 часот во МКЦ – Џебно кино. Претставата е работена по мотиви на Марк Рејвенхил во режија на Шенај Мандак и хипнотично ја раскажува приказната, но сурово ги распарчува и лажните идеали разоткривајќи ја вистинската слика за уметниците, пријателството и љубомората, која се претвора во болна амбиција за успех.

Во претставата играат Несрин Таир, Стефанија Начевска, Метин Ибрахим, Хакан Даци, Ебру Мусли. Продуцент е Тадеа Павловска, драматург е Бени Мусли, костимограф е Ивана Секулоска, сценографи се Ивана Секулоска и Џејда Ибрахим, а композитор на музиката е Лука Јанкулоски.

Во 22 часот на сцената „Фросина“ во МКЦ ќе биде изведена претставата „Роденден“ од Харолд Пинтер во режија на Васил Христов. Станува збор за театарска претстава со психолошки карактер, која воведува нов филмски јазик на режија и глума, кој ќе ја зачуди публиката.

Сцена од претставата „Роденден“

„Роденден“ (1957) и ден-денес сè уште стои како доказ за Пинтеровата непоколеблива посветеност кон истражувањето и откривањето на скриените аспекти и двосмисленоста на човековата природа. Во ова дело, неговиот уникатен стил на дијалог ја прикажува моќта на јазичната манипулација и процесот на вербална лоботомија. Манипулацијата со зборови станува оружје, бидејќи јазикот се користи за контрола и доминација. На тој начин, Пинтер ги крши рамките на театарскиот традиционализам и ја прикажува кревкоста на човечката комуникација. Хуманизмот, пацифизмот и правдољубието на Пинтер се очигледни во неговиот децениски незапирлив политички активизам и непоколеблива посветеност на разоткривањето на општествените неправди.

Во претставата играат Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов – Ѓаурски, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Стефанија Митовска и Даријан Петров. Драматургијата е на Габриела Коцева – Тулиев, костимографијата е на Марија Ќертакова, раководител на сцена и тон-мајстор е Ѓорѓи Чапов, светло-мајстор е Методи Саздов, суфлер е Лидија Рогожарова, дизајнот на плакатот е на Денко Матевски, а фотографијата на плакатот е на Димитар Влахов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот