Претседателката на Врховен суд Беса Адеми може да биде разрешена на иницијатива на член на Судскиот совет

Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд / Утрински брифинг
Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд / Утрински брифинг

Лошите односи помеѓу Судскиот совет и претседателката на највисокиот суд во државата ескалира минатиот месец, откако Адеми во интервју рече дека на судиите им се вршат притисоци, но не прецизираше врз кои судии и какви се притисоците.

Следниот петок Судскиот совет ќе расправа за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, а иницијативата е поднесена од еден член на Советот и веќе е во втора фаза, објави ТВ Телма. Од Судскиот совет не ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата, со оглед дека постапката за утврдување на одговорност на судија е тајна, но за неа неодамна зборуваше самата претседателка Адеми, која на медиумите индиректно им потврди дека има постапка.

– Мојата работа и работата на Врховниот суд се позитивно оценети во извештаите на ЕУ. Евентуално такво барање мора да ги предвиди и овие факти и аргументи. Знаете дека постапките по вакви барања се од доверлив карактер, но јас би барала јавност на постапката – рече Адеми на 12 декември.

Законот за Судски совет пропишува дека постапката е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста, но по барање на судијата, Советот може да одлучи постапката да биде јавна со гласање на членовите на ова тело.

Според „Телма“, тричлената комисија на известители на 29 декември закажала расправа на која и Адеми лично ќе може да се брани. Во оваа фаза од постапката треба да се расправа по иницијативата и да се изведуваат доказите од подносителот на иницијативата. Судијата има право усно со записник или писмено во рок од три дена да се произнесе по сите докази, по што комисијата на известители во рок од 15 дена до Советот поднесува извештај за констатираната состојба. Ова е последната трета фаза од постапката во која членовите може да одлучат дека нема одговорност за судијата или да го разрешат од функцијата со најмалку осум гласа.

Лошите односи помеѓу Судскиот совет и претседателката на највисокиот суд во државата ескалира минатиот месец, откако Адеми во интервју рече дека на судиите им се вршат притисоци, но не прецизираше врз кои судии и какви се притисоците. Претседателката на Врховен тогаш рече дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт, но тие како Врховен суд нема да дозволат да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед“. Адеми претходно за притисоци врз судството ѝ се пожали и на американската амбасадорка Анџела Агелер.

По интервјуто, Судскиот совет ја покани да каже врз кој судија е вршен притисок и како, зашто должност на Советот е да ја штити независноста на судиите, но Адеми не дојде, образложувајќи дека досега повеќепати се укажувало на притисоци врз судството во официјални извештаи и во медиумски натписи, но Судскиот совет никого не повикал на разговор. Адеми во писмото спомена и дека претходните две претседателки на Судскиот совет по смените дале изјави дека трпеле притисоци од политички и од бизнис-кругови, ама Судскиот совет не испитал кој ги вршел тие притисоци. Според Адеми, доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак е во надлежност на Судскиот совет.

На ова, од Судскиот совет најавија дека тие ќе одат во работни посети во Врховниот суд или ќе ги кани судиите во Советот и ќе разговараат со секој судија поединечно за тоа дали некој им врши притисок во одлучувањето. Членовите на Советот тогаш на прес-конференција најавија дека нема да се откажат од тоа да дознаат дали, кој и какви притисоци врши врз Врховниот суд, а она што ќе го откријат ќе го пријават во Јавното обвинителство и ќе го споделат со јавноста.

Изјавите на Адеми за притисоци врз судиите уследија откако пред Врховниот суд во октомври стаса иницијатива од адвокатот Миле Наумовски за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, која подоцна беше повлечена. Во исто време, партиите од албанскиот опозициски блок со прес-конференции пред Врховниот суд ја обвинуваа владејачката ДУИ дека врши притисоци врз судиите за да „оживее“ аболицијата на Иванов, а со цел во земјава да се врати избеганиот експремиер Никола Груевски.

Кацарска: Секој судија што обвинува за притисоци, треба да пријави и да достави докази

Остана недоречено сето тоа, но ако еден судија трпи притисок, треба да пријави во Судскиот совет, рече претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, прашана за коментар за наводите на Адеми.

– Се слушна дека наводно имало политички притисоци врз судиите. Врз кој судија имало притисок, јавноста не дозна, не се знае како е вршен притисокот. Треба да излезете пред јавноста и да не ја оставате во размислување што се случило, дали имало телефонско јавување, средби, дали за целокупната работа имало притисоци или само за одреден предмет. Треба да внимаваме кога зборуваме за притисоци или состојби, мора секој да настапува со докази, со факти и отворено. Секој судија треба сам треба да се справува со притисоците, има различни начини, како вие дозволувате да ви се јавува некој? Зошто мене не ми се јавува? Сè е ова недоречено и остава многу дилеми кај јавноста, исто и кај мене – рече Кацарска на ТВ24.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот