Пресврт: Македонскиот клуб во Благоевград сепак ќе се отвори, властите попуштија по реакциите

Македонскиот клуб во Благоевград, уште неотворен, беше вандализиран на почетокот на октомври / Фото: НовАсном

Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград го најави свеченото отварање, предвидено за 30 октомври, за кое, наспроти првичната забрана, локалните власти сепак дале дозвола.

Во поканата стои дека „клубот има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, и да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот“.

Клубот „Никола Вапцаров“ основан е од Иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за „Заштита на основните индивидуални човекови права“, регистрирано во согласност со бугарскиот закон.

Настанот на кој се поканети премиерите на Бугарија и Македонија, амбасадорите, медиумите од двете страни на границата, пријатели и гости од земјата и странство, е дозволен од градоначалникот на Благоевград, кој првично го забрани отворањето, што наиде на жестоки осуди во македонската, но и во дел од европската јавност. Просториите на уште неотворениот клуб беа вандализирани на почетокот на месецов.

Прославата на отварањето на клубот предвидено е да започне со поздрав кон присутните и осветување на просториите според христијанските обичаи, а потоа предвидени се обраќања од официјалните гости.

За крај е предвидено положување на цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот