Премиерот ветува: Топли радијатори и без рестрикции на струја оваа зима

Парно, радијатори / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Рестрикции на струја нема да има, а навреме ќе бидат завршени и сите постапки и процедури за грејната сезона да почне согласно планот, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Новиот пакет антикризни мерки ќе биде презентиран по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, а најголем дел од мерките се очекува да бидат активни на почетокот на четвртиот квартал од годинава. Но, како што вели Ковачевски, динамиката на имплементација ќе зависи и од самите економски движења.

Во интервјуто, Ковачевски посочува дека енергетската криза е голем предизвик на светско ниво, но со работа на домашните капацитети државата ќе обезбеди поголемо производство на електрична енергија. Годинава, нагласува премиерот, планот за производство на ЕСМ е зголемен за 20 проценти споредено со ланското производство и треба да изнесува 3.736 гигават часови.

– Точно е дека оваа зима ќе биде најтешка на нашата генерација, но заедно ќе ја пребродиме. Енергетската криза е голем предизвик на светско ниво, со воената агресија врз Украина дополнително се направија поместувања на пазарот, има недостиг на енергенси, повисоки цени, но ќе менаџираме успешно како и претходната година, вели премиерот, додавајќи дека институциите континуирано ја следат ссотојбата и врз база на анализи и експертски консултации се носат мерки во интерес на граѓаните и заштита на стандардот.

Осврнувајќи се на новиот тарифен модел за пресметка на цената на струјата, Ковачевски појаснува дека станува збор за еден вид на праведен данок, односно оние кои трошат помалку, да плаќаат помалку, а оние кои трошат повеќе, да плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија и поголемо субвенционирање на ранливите категории на домаќинства.

Во делот на парното греење по одземањето на лиценците на БЕГ, Ковачевски вели дека по завршување на законските процедури ќе биде објавен јавен повик за избор на компанија која ќе ја преземе обврската за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Скопје.

– Оттука, согласно Законот за енергетика, а на предлог на Министерството за економија и Регулаторна комисија за енергетика, Владата ќе спроведе постапка за избор на вршител на енергетска дејност. Нов вршител треба да се избере за период не подолг од 90 дена од денот по приемот на известувањето од Регулаторната комисија за енергетика. Верувам дека сите постапки и процедури ќе бидат завршени, навремено и во рок се со цел грејната сезона да започне согласно планот. Граѓаните знаат дека и минатата година и покрај сите предизвици, државата преку ЕСМ го презеде работењето на БЕГ се со цел граѓаните да имаат топли радијатори. Сите механизми кои ни стојат на располагање ќе бидат искористени во интерес на граѓаните, порачува Ковачевски.

Тој најавува антикризни мерки и за граѓаните и за компаниите, како и мерки за поддршка за одржување на цените на храната на стабилно ниво.

– Како и до сега во услови на најголемата светска криза која ја живееме во поновата историја, владините политики се насочени кон заштита на граѓаните од ценовен шок. Во услови на раст на цената на храната, Владата обезбеди дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно да се дејствува врз цените на храната. Со ребалансот на Буџетот се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителна поддршка и за компаниите, како и програми за поддршка на инвестициите, појаснува Ковачевски.

Покрај буџетските средства, вели Ковачевски, тука се и поволните заеми од Европската банка за обнова и развој во износ од 100 милиони евра за одржување на ликвидноста на ЕСМ и бескаматните кредити во износ од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка за поддршка на стопанството.

– И во услови на криза важни се капиталните инвестиции и токму затоа ја задржуваме високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари, капитални инвестиции, остануваат на највисокото историско ниво досега, нагласува Ковачевски во интервјуто за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот