Премиере, сензационализам е кога ги криете неплаќачите!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Мора да престане практиката во која нема директно вперен прст и конкретна одговорност и тоа така што ќе се почне од врвот. Повелете премиере, бидете сензационалист во име на повисоките вредности и во прескокнување на прагот на неодговорноста.

Државни институции и јавни претпријатија имаат заостанат долг за неплатена струја поголем од 40 милиони евра. Ако е долг што настанал во последната година кога енормно се зголеми цената на електричната енергија и ако директорите од државните институции, кои и онака имаат дотации од државната каса, алармирале дека не може редовно да ги плаќаат сметките, односно дека им требаат дополнителни пари, тогаш дури може да се каже и дека не се виновни. Но, ако лагодно си живееле, трошеле и за што треба и за што не треба, а ги туркале долговите под тепих – тогаш се виновни. Виновни се не само што лошо ги раководеле претпријатијата што им ги доверила државата, туку и поради тоа што сега од државната каса, односно од народните пари, ќе треба да се подмируваат долговите за кои тие требало да најдат решение. Затоа, нивните имиња треба јавно да се знаат. Да се знае кој кому му брцнал во џебот.

Премиерот Ковачевски на новинарскиот притисок да се објават имињата, изјави: „Јас не сум човек кој е сензационалист, трипати ви одговарам од оваа говорница, нема да посочувам со прст луѓе што имаат свој професионален интегритет за да може од тоа да правиме вести, бидејќи секој што извршува функција треба да биде третиран според стандардите, а ја сум им претпоставен на сите тие луѓе“.

Но, токму нивниот (не)професионален интегритет прави општествени штети. Едноставно е: ако наместо да се асфалтира мојата улица се плаќа некаков долг за кој имало пари, ама отишле во ветер, тогаш треба да се знае кој е виновен за тоа. Затоа, премиере, извинете, ама не е сензационализам ако се кажат имињата на тие што ќе ги разрешите. А и сами знаете дека и да не кажете вие, ние живееме во мала држава и ќе се дознае. Само прашање на интегритет е кој тоа ќе го соопшти.

Исто така, не само економскиот директор, туку и Владата е должна да одговори како тоа во Клиничкиот центар не е платена струјата три години. Изминативе три години дефинитивно се најтешките години што го погодија здравството. Ако Клинички центар требало да избира дали парите да ги потроши за лекови, за плати на медицинскиот кадар за време на пандемија, за градење модуларни болници… или да ги плаќа сметките за струја, тогаш директорот требало на време да алармира, а Владата да „пресече“ што е приоритет.

Од „имињата“ што се протнаа во јавноста како неплаќачи на струја се спомена и Железница-транспорт, која дури и остана без електрична енергија. Премиерот Ковачевски ѝ се налути на ЕВН и порача дека ако не знае што значи кога државата гарантира за нешто (мислеше на ставот дека таа ќе ги плати долговите), тогаш компанијата не заслужува да биде на таа позиција. И тоа е точно, исто како што е точно дека агилноста на државата е основа за функционирање на општеството. Агилноста во конкретниов случај значи дека требало навреме да се провери што се случува во Железница, која во Собранието доставува на разгледување годишен извештај. Ама, кога и судовите не си ја платиле струјата, што да се каже понатаму! Цела „среќа“ што наплатата на долговите за струја оди преку извршители, инаку кој знае како судиите ќе си пресудеа сами на себе!

Во Македонија веќе станува практика во име на општата, колективната одговорност да се кажува сè и сешто. На пример, за да стигнат до поевтина струја, некаде некои фирми правеле „мучки“. Под кодното име „некаде некои“ се кријат мобилен оператор, казина и синџир маркети. Ама нивното вистинско име – е тоа не се кажува! Како, бре, не се кажува? Тоа што некој мобилен оператор или некое казино си основале своја фирма ќерка со мал број вработени и со пресметан приход за да се вклопи во критериумите за регулиран пазар на енергија, тоа значи дека неговата струја ја субвенционирала државата, односно сите ние преку нашиот влог во државниот буџет!

Без директно вперен прст и без конкретна одговорност, лесно е да ни се случуваат вакви работи. Таквата практика мора да престане и тоа така што ќе се почне директно од врвот. Па, повелете, премиере, бидете сензационалист во име на повисоките вредности, во име на прескокнување на прагот на неодговорноста, во име на едно подобро утре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот