Прекршочни пријави за Ганиу и Касами, за време на посетата на Курти не ги почитувале државните симболи

фото-општина-тетово

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу откако денеска беше повикан во полициската станица „Бит Пазар“ изјави дека полицијата го информирала дека против него се поднесени две прекршочни пријави, едната за неинтонирање на државната химна, а втората за неистакнување на државното знаме, за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти.. Тој смета дека во сето ова има политичко влијание.

„Околу 13:30 часот бев поканет од началникот на полицијата ‘Бит Пазар’ да дојдам на информативен разговор. Претставени ми беа причините. Одлучено е дека во моментов имам две прекршочни пријави, а причината е посетата на премиерот Албин Курти во Чаир“,рече Ганиу.

Прекршочни пријави заработи и градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето БЕСА, Билал Касами. Тој на Фејсбук напиша дека комунизмот не е мртов, а според него, во живот го одржуваат властите заедно со Али Ахмети и Арбен Таравари.

„Ваквите обиди за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не нè плашат, продолжуваме со кренати глави. Помалку нè плашат кога овие уцени и обиди да ја попречат здружената опозиција доаѓаат од корумпирани и уценети владетели кои сега си ги бројат деновите на прсти. Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, напиша Касами.

Од Министерството за внатрешни работи, велат дека се поднесени барања за поведување постапка против две општини и двајца градоначалници.Оттаму посочуваат дека за време на посетата на Курти во Чаир и Тетово не се почитувал Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

„Денеска (15.08.2023) МВР, поточно Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини В.Г. и Б.К.Имено, за време на официјалната посета на косовска делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата г. Албин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул. „Ферид Мурати“ во Скопје и градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Закон за употреба на грбот, знамето и химната на РС Македонија, односно за времетраењето на манифестациите не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл. 30 од истиот закон. МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите се вееше знаме на ‘голема Албанија’ и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, велат МВР.

Попладнево реагираше политичката партија Алтернатива.Според нив сето ова е тендициозно и срамно. Ова, како што наведуваат, за нив е факт дека оваа власта оди кон бездна.

„Осудувајќи го овој чин како срамен и тенденциозен, треба да кажеме дека ако овој чин се случил со наредба на Вучиќ, за што сериозно се сомневаме, тогаш тоа е панично однесување на власта заради очекуваниот пораз на следните избори што го чека СОРАВИЈА-БРАКО коалицијата. Како и да е, ако оваа власт смета дека полицијата, силата, уценувањата и насилството се начини за да се бори против оваа коалиција и да се угаси опозицискиот ентузијазам, тогаш треба да потсетиме дека ова е најдобриот начин само да се забрза нивниот пораз. За нивна информација, последниот кој употребил полициска сила против политичарите од другите табори сега се наоѓа во Будимпешта“,
велат од Алтернатива.

Движењето Беса денеска обвини дека македонските државни институции имале хистерична реакција на посетата на косовскиот премиер Албин Курти, дополнета со доза на етнонационализам што било неприфатливо и против соработка за добрососедство.

Но ,од оваа партија не одговарија дали за нив е прифатливо веењето на знамето на голема Албанија и тврдат дека Курти во Тетово бил пречекан со сите државни знамиња и законски постапки, а тие како домаќини не преземаат одговорност за тоа што се случувало во публиката.

Пред влезот на Тетово косовскиот премиер Албин Курти во петкот беше пречекан само на албански јазик со пораката „Добредојдовте во Тетово премиере“ испишана на платно и закачена на надвозник, а во градот истата порака ја има на билборди.

Курти кон шарпланинските села по пат пат беше поздравен со декорација од знамиња, но никаде го немаше македонското знаме. Преовладуваа албанското знаме, знамето на Косово, знамето на Општина Тетово, како и по некое знаме на САД.

Касами и Курти од Вејце се заложија за побрза изградба на делницата од Тетово до Призрен, но по пат се соочија со катастрофални патишта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот