
Предвремени парламентарни во 2027 година, ако воопшто затреба!
Двете опции се отворени, но сметам дека избори во 2026 година ќе нема. Ако се оди на предвремени парламентарни избори, тоа би било во 2027 година, бидејќи следната година се очекува финализирање на неколку капитални проекти, како и отпочнување нови. Процените се дека ако има избори следната година, тоа ќе значи изгубена година за проекти што веќе се влезени „во колосек“, вели за „Слободен печат“ функционерот на владејачката партија.
И двете опции се отворени. Ако се оди на предвремени парламентарни избори, тоа најверојатно би било една година пред истекот на владиниот мандат, односно во 2027 година, нè брифира висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ по изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека предвремени парламентарни избори се сепак можни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ игра „топло-ладно“ кога станува збор за предвремените парламентарни избори, сепак, власта одбегнува финална процена на оваа тема пред да биде познат исходот од локалните избори, односно резултатот на владиниот партнер Вреди, кој може да ги промени плановите. Мицкоски претходно категорички му порача на лидерот на ДУИ Али Ахмети да не се надева дека по локалните ќе има парламентарни избори, но вчера повторно ја актуализира можноста за предвремено соочување со граѓаните.

– Двете опции се отворени, но сметам дека избори во 2026 година ќе нема. Ако се оди на предвремени парламентарни избори, тоа би било во 2027 година, бидејќи следната година се очекува финализирање на неколку капитални проекти, како и отпочнување нови. Процените се дека ако има избори следната година, тоа ќе значи изгубена година за проекти кои веќе се влезени „во колосек“ – вели функционерот.
За тоа колку резултатот на локалните избори на владиниот партнер Вреди може да ги измести плановите доколку коалицијата не победи, функционерот вели дека во таков случај тоа првенствено ќе предизвика проблем во некои партии од коалицијата Вреди. Според него, битно е лидерите на Беса и на Демократското движење, Билал Касами и Изет Меџити, како кандидати за градоначалници во Тетово и во Чаир, да победат во тие општини. Во спротивно, вели функционерот, ќе се наруши легитимитетот на лидерите, пред сè, во нивните партии, а тоа може да предизвика турбуленции и во владината коалиција ако како губитници на изборите се повлечат од Владата.
– Во таков случај, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи никој да ја уценува, односно ќе одиме на предвремени парламентарни избори – вели функционерот.
Бујар Османи: Предвремени парламентарни избори ќе има напролет
Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на НАИ за Општина Чаир, изјави дека гарантира оти ќе има предвремени парламентарни избори во март или април в година. Османи, прашан за изјавата на премиерот Мицкоски дека може да има предвремени парламентарни избори, рече дека се надева оти премиерот ја разбрал реалноста и штетата што ѝ ја нанесува на државата со своите постапки.

-Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот, дека да, ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена. Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на силите и тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива, и затоа веќе почна и тој да го спрема теренот- изјави Османи.
Премиерот вчера изјави дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, логично би било да се размислува за можноста за предвремени парламентарни избори и нов четиригодишен мандат. Сепак, вели тој, за таа одлука ќе се раководат не од политички интереси, туку од интересот на државата.
– Очекувам по овие локални избори да влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној што ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат силна победа, посилна од таа, барем така зборуваат, во 2021 година, па логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат. Ако тоа го гледаме како политичка одлука, би се согласил, но ако го гледаме од државна логика, тогаш поинаку размислуваме. Ние сакаме да ја ставиме државата пред сè и интересот на стопанствениците, за да имате предвидлива иднина, да знаете што можете да очекувате, па дури потоа се обидуваме да го ставиме тој наш политички интерес. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки – рече Мицкоски.
Мицкоски не ја исклучува можноста за предвремени парламентарни избори
Пред две недели, Мицкоски на брифинг со новинарите порача дека по локалните, нема да се оди на предвремени парламентарни избори. Тој смета дека Владата е стабилна и кохерентна и е уверен дека владината коалиција, во која со ВМРО-ДПМНЕ се и Коалицијата Вреди и партијата ЗНАМ, ќе победат на локалните избори. Тој рече дека во четиригодишниот мандат на Владата планира да ги реализира ветените проекти, а предвремените парламентарни избори ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци.

– Како ВМРО-ДПМНЕ можеби би ни одговарале предвремени парламентарни избори, но ние не ги гледаме работите партиски, туку државнички. Ако одиме на избори, сите проекти што треба да ги имплементираме би имале стагнација од најмалку шест месеци – рече тогаш Мицкоски.
Истата порака премиерот ја упати и до ДУИ, на која ѝ порача да не ги лажат гласачите зашто парламентарни избори следната година ќе нема.
Муртезани се повикува на владејачкото мнозинство од 76 пратеници
И вицепремиерот за европски прашања Орхан Муртезани неодамна изјави дека предвремени парламентарни избори следната година ќе нема, зашто нема никаква потреба за тоа. На прашањето дали, сепак, има контекст кој може да направи притисок и да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да се реши на таков потег, особено ако ДУИ биде победник на локалните избори, Муртезани одговори дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
Изет Меџити, пак, пред почетокот на кампањата, во телевизиско гостување рече дека е убеден оти Вреди на локалните избори ќе го повтори успехот од парламентарните избори. Тој е дециден дека ако изгубат на локалните, нема да чекаат премиерот Мицкоски да им ја покаже вратата, туку дека сами ќе излезат од Владата.
– Ние сме фокусирани на локалните избори и на победа не во четири, туку во повеќе општини. Ако не го потврдиме легитимитетот, нема потреба некој да ни каже. Ние како губитници нема да останеме во Владата да ги претставуваме Албанците – рече тогаш Меџити.
ДУИ уште од формирањето на Владата, предводена од Мицкоски, бара предвремени избори, затоа што, според нив, Вреди нема легитимитет во Владата. Сепак, од ДУИ се децидни дека не влегуваат во Владата без избори.