Пред 22 години во Теарце падна првата жртва од воениот конфликт, одбележана годишнината од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски

Фото: Слободен печат

Во тетовско Теарце денеска беше одбележана 22-годишнината од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски, кој беше убиен при напад со ракетен фрлач врз полициската станица.

Фото: Слободен печат

Овој настан во 2001 година се смета за почеток на вооружениот конфликт во Македонија. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а полесни повреди добија неговите колеги Борче Ѓуровски и Јахи Лика.

Денешното одбележување го организираше Одборот на бранители. „Наша одговорност е да го живееме споменот на нашите јунаци“, посочија организаторите.

Фото: Слободен печат

„Момир Стојановски е првиот непребол меѓу сите останати паднати бранители во 2001 година. Ако се вратиме во историјата, ќе се сетиме дека секогаш за татковината гинеле најхрабрите, а таков беше Момир, одличен професионалец и лојален кон татковината. И денес, по 22 години, сведочиме за несебичниот однос на бранителите кон повикот на татковината и одбраната од агресијата и тероризмот. Вечно ќе бидеме нивни должници“, рече Марин Најдов од Одборот на бранители.

Настанот се одбележа пред објектот во кој во 2001 година беше сместена Полициската станица Теарце, која беше нападната од терористичка група.

Објектот е пропаднат, нема никакво спомен-обележје, освен плочата-потсетник за загинатиот полицаец Момир, која само на денот на одбележувањето се поставува пред вратата на објектот.

Фото: Слободен печат

Од Одборот велат дека државата воопшто не води грижа за одбележување на спомените на загинатите бранители, а таа „кренала раце од бранителите кои го преживеаја конфликтот и спречија поделба на Македонија“.

„Во моментов статусот на бранителите може да се рече дека е очаен, со оглед на тоа дека не се згрижени, голем дел од бранителите се во социјален ризик, многу од нив се веќе починати. Државата треба сериозно да се зафати со грижата за нив, тие не се интегрирани во општеството, оставени се на маргините и се во многу лоша состојба. Ваквите настани не се сериозно одбележани и не се подржани од државата, а ова што го правиме на наша добра волја, ваквите одбележувања, се стихијни,“ рече Жарко Милевски од Одборот на бранители.

Фото: Слободен печат

Од Одборот посочија дека годинава помасовно ќе ги одбележуваат годишнините поврзани со загинатите бранители.

„Ќе бидеме во контакт со нашето членство за да се избегнат постојните манипулации со нивните гласови од страна на политичките партии. Ќе создадеме платформа за преговори со политичките партии, а на изборите ќе ги подржиме сите оние кои ќе можат да ги исполнат нашите цели и барања. Од страна на одредени субјекти се манипулира со гласовите на бранителите. Се обидуваме да ги исклучиме деловите на политичките гарнитури кои сакаат да не разнебитат и раздвојат. Се вршат преговори со повеќе политички партии, се стапува во контакт со нив и ќе видиме кој ќе излезе во пресрет на нашите барања, за да ги подржиме на изборите“, додаде Милевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот