Правдата ќе дојде со кривичниот прогон на судиите

Фото: Слободен печат

Недозволиво е и мора да се казни однесувањето на одредени судии, кои смислено постапуваат на начин со кој се одолжуваат судските постапки со цел да застарат делата за кои се товарат обвинетите, а органот што треба да ги казни судиите и кој треба да се повика на одговорност е Судскиот совет, велат добри познавачи на правосудството за „Слободен печат“.

Судскиот совет и Советот на јавните обвинители се тела што имаат законски надлежности и инструменти да ги спречат застарувањата и да водат дисциплински и постапки за разрешување на судиите и обвинителите, нагласуваат експертите.

– Одговорноста за сето ова што се случува и за ниската доверба на граѓаните во правосудството е исклучиво на Судскиот совет, кој не ги врши своите надлежности. Ако сакаме реални реформи, мора да се почне од Судскиот совет, како и со Советот на јавни обвинители. Порано имаше разрешување на судија  само поради одолжување на судската постапка, а сега масовно имаме застарувања на сериозни кривични предмети и никому ништо. Судскиот совет има исклучива надлежност да реагира и да ги коригира овие состојби, а јавноста мора постојано да го потсетува и да прашува кои кривични дела се во опасност од застарување и кои се извршителите на тие дела – велат познавачите.

 

Наместо да работат по закон, Апелациски и Кривичен се допишуваат

 

Јавноста повторно зовре откако Апелацискиот суд завчера информираше дека ги уважил жалбите на обвинетите и ја укина првостепената пресуда во предметот „Организатори на 27 април“, со која беа осудени поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот спикер во Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, со што предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Жалбата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција во оваа фаза на постапката е беспредметна, а мерките за претпазливост кон обвинетите Вељаноски и Атанасовски остануваат на сила.  Од Апелација тврдат дека суштествено се повредени одредбите на кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право, а првостепениот суд во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ. Првостепениот суд го повредил правото на одбрана на обвинетите, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите за амнестија на кривичното гонење, нагласуваат оттаму.

Кривичниот суд на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети: шест и пол години за Вељановски, по шест години и три месеци за ексминистрите и шест години затвор за Атанасовски.

Прво со реакција завчера се јави Министерството за правда кое констатираше дека „намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива практика за некои судии“.

„Неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка, вклучувајќи и дисциплинска, ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво“, побара Министерството.

Вчера се јави и Кривичниот суд, чија пресуда е укината, со реакција дека Апелацискиот суд можел побрзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија и што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување.

„Ако причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш Судот можел веднаш да одлучи, пред сè, заради заштита на правата на обвинетите што беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“,пишува во соопштението од Кривичен суд.

Оттаму додаваат дека апелациските судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по нив, имаат законска можност и обврска мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок.

– Сите високопрофилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации што ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународниот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па, во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред сѐ, од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста, туку откако Апелацискиот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука – реагираат од Кривичниот суд.

Од Кривичниот суд Скопје ги повикуваат медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.

 

Досега ниеден судија не е кривично гонет за несовесно работење

 

Според нашиот соговорник, последниот пример е само дел од серијата негативни појави во правосудството.

– Кај судиите има тенденциозно, неодговорно, несовесно и нестручно постапување. Судовите во првостепена, во второстепена, без разлика во кој дел од постапката, намерно ги одолговлекуваат процесите со единствена цел – да настапи застареност! Коректор на овие состојби треба да бидат Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, кои имаат обврска да реагираат, да ги воочат и спречат застарувањата, но не го прават тоа. Значи, Судскиот совет мора да го повика на одговорност судијата за кој ќе утврди дека намерно предизвикал застарување, овој важен орган мора да работи согласно своите надлежности. Во најмала рака треба да ги повикаат на дисциплинска одговорност со тоа што ќе им покренат дисциплинска постапка, но може и да ги разрешат од должноста за нестручно и несовесно постапување. Но, уште поважно, ако со некое конкретно однесување на одреден судија се утврдат елементи и за кривичното дело „несовесно работење во службата“, тогаш има елементи и за кривично гонење. Тука треба да настапат јавните обвинителства, и тоа по службена должност или на предлог на Судскиот совет. Но, колку што ми е познато, со децении наназад во Македонија нема случај со кривично гонење на судија за несовесно работење – вели нашиот соговорник.  

Тој потсетува и дека и при претходните случаи на застарувања на високо профилни предмети, Судскиот совет најави дека ќе отвори дисциплински постапки ако утврдат дека некој судија постапувал несовесно, но досега јавноста не дозна што се случи со тој надзор.

– А ако, пак, не е добро и не е издржано обвинението и има повреди во постапката, тогаш Апелација не смее да чека две години за да утврди нешто што може да го каже уште на почетокот и веднаш да го врати предметот наместо да создава услови за застареност. Смислена тактика е тоа – вели нашиот соговорник.

Кривичното дело „несовесно работење во службата“ се однесува за ситуациите кога службено или одговорно лице со повреда на законските прописи очигледно несовесно постапува и со тоа прибавува за себе или за друг некаква корист, а превидената казна е затвор од три месеци до три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот