Правдата е бавна, но казната стаса по 81 година

На 97-годишната жена ѝ се судеше пред суд за малолетници - Фотографија ЕПА, Кристијан Карисиус

На Фурхнер ѝ се судеше на суд за малолетници, зашто имала 18 години кога била вработена како дактилографка во нацистичкиот логор Штутхоф, во кој биле убиени десетици илјади луѓе

Деведесет и седумгодишната Ирмгард Фурхнер е осудена на условна казна од две години затвор за нејзината улога во убиство на 10.505 луѓе во нацистички логор на смртта во Втората светска војна. Фурхнер мошне веројатно е последниот воен злосторник што ја слушнал казната за учество во холокаустот.

Процесот против Фурхнер се водеше во Ицехо, во северна Германија, на суд за малолетници, зашто таа имала 18 години кога во 1943 година била вработена како стенодактилографка и дактилографка во нацистичкиот логор Штутхоф кај Гдањск, на територијата на окупирана Полска. Како цивилно лице таа останала на служба до 1945 година, кога спроти напредувањето на Црвената армија кон Германија логорот бил затворен, а повеќето од преостанатите затвореници биле масовно погубени во гасни комори. Обвинителството докажа дека Фурхнер знаела дека е соучесник во злосторства додека работела во Штутхоф. За време на холокаустот во логорот биле доведени десетици илјади луѓе, главно Полјаци што не биле Евреи, но имало и голем број Евреи од полските градови Варшава и Бјалисток и од окупираните балтички земји, а таму биле носени и заробени војници од Источниот фронт. Изложени на ужасни услови, брутални мачења и егзекуции, во Штутхоф биле убиени повеќе од 65.000 луѓе.

Судењето на Фурхнер почна во септември 2021 година. За условите во Штутхоф сведочеле луѓе што ги преживеале нацистичките ужаси. Некои од сведоците починале пред да биде објавена пресудата.

На самиот почеток на судењето, дактилографката се обидела да избегне соочување со обвиненијата. Таа избегала од домот за стари лица во кој престојувала, но била пронајдена неколку часови подоцна како талка по улици низ Хамбург. Таа проговорила дури на 40-тиот ден од процесот: „Жалам за сѐ што се случи. Жалам што бев во Штутхоф во тоа време. Тоа е сѐ што можам да кажам“.

Нејзините адвокати бараа да биде ослободена, тврдејќи дека обвинителите „не докажале дека таа била запознаена што точно се случува во логорот“.

Но, клучно за пресудата било сведочењето на историчарот Штефан Хердлер, кој придружувал двајца судии во посета на остатоците од логорот и на канцеларијата во која работеле дактилографките. Историчарот сведочел дека само во периодот од јуни до октомври 1944 година во логорот пристигнале 27 воза со вкупно 48.000 луѓе. Канцеларијата на командантот Паул-Вернер Хопе, во која Фурхнер работела со уште неколку дактилографки, била „нервниот центар“ за сѐ што се случувало во логорот, вклучувајќи ги и плановите за проширување на капацитетот и за забрзани масовни егзекуции во гасните комори.

– Таа индиректно е виновна, со самото тоа што седела во таа канцеларија и ставила печат врз смртницата на мојот татко – сведочел пред судот Јозеф Саломоновиќ, кој како шестгодишно момче бил во логорот и видел како неговиот татко бил убиен од огнено оружје.

Друг преживеан од логорот, Манфред Голдберг, изразил разочарување поради благата казна за обвинетата.

– Тоа мора да е грешка. Никој со здрав ум не би испратил 97-годишна жена во затвор, но казната треба да ја рефлектира суровоста на злосторството. Ако џепчија казните со две години условно, може ли иста казна да добие некој што е виновен за соучество во 10.000 убиства – оценил Голдберг.

Командантот Хопе во 1955 година беше осуден поради соучество во масовните егзекуции, но беше пуштен на слобода откако помина пет години во затвор.

Во изминатите десетина години во Германија беше забрзан прогонот на осомничени злосторници од времето на холокаустот, за да се соочат со правдата пред да починат. Во 2021 година беше осуден Џон (Иван Миколаевич) Демјанјук, откако судиите го прифатија тврдењето дека е одговорен за соучество во злосторства, иако бил само чувар во нацистички логор на смртта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот