Поскап паркинг за „теренците“ во Градот на светлината?

Идалго го скротува метежот - Фотографија ЕПА, Ијан Лангсдон

Соочена со големо средување спроти одржувањето на Олимписките игри в година, градоначалничката на Париз побара од граѓаните да се изјаснат дали авениите се заситени од теренските возила, кои зафаќаат повеќе простор и повеќе го загадуваат воздухот.

Градоначалничката Ане Идалго за 4 февруари распиша градски референдум на кој парижаните ќе се изјаснат дали поддржуваат „значително“ зголемување на цената за паркирање на теренските возила, кои се сѐ попопуларни како градски автомобили, не само во нејзиниот град. Советниците на Идалго сѐ уште не пресметале како „значителното“ ќе биде изразено во евра.

– Многумина од вас се жалат дека сѐ уште има премногу теренски возила што загадуваат и зафаќаат повеќе простор на улиците и тротоарите. Се надевам дека гласањето ќе биде порака и до производителите да престанат да прават сѐ поголеми, поскапи и позагадувачки автомобили – изјави Идалго.

Градоначалничката турка низа иницијативи за подобрување на квалитетот на животот во Париз, ослободувајќи повеќе простор за пешаците и велосипедистите, на сметка на возачите. Пред неколу месеци мнозинството на референдум ја поддржа забраната за јавни електрични скутери поради зачестените несреќи и сообраќајниот метеж. Пред неколку години беше намалена максималната дозволена брзина во повеќе квартови, а изградени се и повеќе велосипедски патеки, што придонесе за намалување на бројот на автомобили по улиците.

Групата „60 милиони пешаци“ ја поздравува новата иницијатива, а возачите се жалат дека не е фер да бидат издвоени само „теренците“ и прашуваат како ќе биде дефинирана категоријата.

Париз идното лето ќе биде на раб на сообраќајна парализа, без оглед дали референдумот ќе биде успешен или не. За време на Олимписките игри од 26 јули до 11 август градот ќе биде домаќин на најмалку половина милион спортисти, делегации и посетители, заради што ќе има строго контролиран режим на сообраќај.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот