Попис: крајот на светот е одложен на неодредено време

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Се попишуваме. Надлежните од Државниот завод за статистика (ДЗС) велат дека интензитетот е „посакуваниот“, а дека тешкотии не се очекуваат до крајот на целата операција.

Тоа ви е така во Македонија: со месеци закрвавени полемики, жестоки партиски препукувања, милион оф-леле-статуси по Фејсбук и Твитер, по две-три опозициски катаклизмични најави дневно… А, потоа, сѐ си тече според планот. На оние, малкумина, кои одбиваат да се попишат, им пристапува и државен инструктор, па и тие, со малку „квалификуван“ разговор и дообјаснувања, прифаќаат да ги дадат своите податоци. Токму како што треба во една цивилизирана, демократска држава. Вчера слушнавме дека некој барал да биде попишан од невакциниран попишувач – па, и тоа барање му го задоволиле!

Да не се разбереме погрешно: демократската дебата не само што е нормална, туку е и неопходна за важни (и помалку важни) општествени проекти и процеси – без тоа нема корекција на оние што владеат со земјата. Но, „заробувањето“ на јавноста во една перманентна негативистичка, црна, депресивна, непријателска, линч-атмосфера не користи никому, а им штети на сите.

Пописот, имено, е одлична илустрација за ова: без значајни компликации, до викендов ќе се попише половина нација, и „предавниците“ и „патриотите“ ќе бидат уредно регистрирани. ДЗС инсистира граѓаните да ги легитимираат попишувачите и, доколку сакаат, да проверат што е запишано во пописниот лист. Предвидувањата се дека никакви посебни и големи изненадувања во статистиките нема да се случат, а долго одложуваните пописни податоци ќе помогнат во многу области за уточнување на државните и други политики.

Така, барем за пописот, „крајот на светот“ е одложен на неодредено време.

Но, затоа допрва се отвора „бездната“ на општата национална пропаст за локалните избори. До официјалниот почеток на кампањата има уште две недели, иако вревата за да-нѐ-биде или да-не-нѐ-биде се тркала со месеци. За среќа, поради предизборните меѓупартиски меѓуетнички коалиции и заемни тактички поддршки, поштедени сме од големите, херојски, национални наративи, а препуштени сме на препирките и кавгите како да сме во мрачните сепареа на пабот на „Пики Блајндерс“: досегашните градоначалници се неспособни мафијаши, кои му мислеле само лошо на општинското граѓанство; оние што сакаат да ги заменат се надежта за светлата општинска иднина. Впрочем, како и на минатите локални избори.

По објавувањето на изборните резултати, пак, сите ќе слават! Победа ќе прогласат сите партии и коалиции, бидејќи резултатите, според сите предвидувања, ќе бидат такви што за секого, некаде, ќе има по нешто. Во партиските штабови ќе се вијат ора со зурли и тапани, а колективната психотерапија по социјалните мрежи наголемо ќе ликува и ќе колне…

Како со пописот, така и со локалните избори, и тој „крај на светот“ ќе се одложи на неодредено време. Животот ќе си продолжи таму каде што сме го оставиле пред изборниот молк.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот