Попаметниот преговара

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Вреди да се запомни уште едно правило од овие практични книги за уметноста на преговарањето – твојот непријател не е тој на спротивната страна од „заедничката маса“, туку ситуацијата во која се наоѓате!

Сосема ја разбирам одвратноста што ја буди тврдоглавото инсистирање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да „изнуди“ предвремени избори со неговите паушални, воопштени „аргументи“, дека државата била во хаос, сè се распаѓало по сите шeвови, тонела во криминал и корупција, (а кога не?) и сличнa муниција од опозицискиот арсенал. Заканувајќи се со блокади на сè што може, тој поставува ултиматум до премиерот Димитар Ковачевски да седне на преговори , со една точка – распишување предвремени избори. Едноставно, Мицкоски мисли дека единствена задача што е пред него е да издејствува предвремени избори, и не го интересира ништо друго, ни криза, ни преговори со Бугарија, ни со ЕУ, ни војна во Украина… Во неговата перцепција изборите се „Да се биде или не“!

Сепак, иако неговите повици се трапави и груби, треба да се земат сериозно. Ковачевски треба да ги прифати и, како што се вели, да „седне на заедничка маса“ (зошто „заедничка“ никогаш не сфатив). Не затоа што барањата на Мицкоски се оправдани, ниту затоа што неговите закани со блокада на Собранието се толку опасни, туку просто затоа што дијалогот и преговорите се алфа и омега во политиката. Без оглед на „темата“ што соговорникот сака да ја наметне. Секоја тема е добра за почеток, па дури и изборите, што не значи дека на неа и ќе се остане.

Во политиката нема ништо поважно од дијалогот, и нема ништо поштетно од отсуството на дијалог. „Животот е преговори“ вели еден од многуте наслови на популарни книги за науката за преговарање, од кои денеска побројни се единствено книгите за самопомош, како да станеш милионер или како да ослабиш. Вреди да се запомни уште едно правило од овие практични книги за уметноста на преговарањето – Твојот непријател не е тој на спротивната страна од „заедничката маса“, туку ситуацијата во која се наоѓате!

И навистина, „ситуацијата е таква“ што бара многу мудрост и вештина за од неа да се излезе. Премиерот и лидер на СДСМ мора да сфати дека, што и да прави во периодов што претстои, мора да калкулира со Мицкоски и со неговата партија, какви се такви. И да не паѓа во замката дека ако преговара ќе покаже слабост или „ќе потклекне на уцени“. Тоа се само штетни флоскули. Лажат, со секого се преговара, па и со терористи и со киднапери, само се крие! И секој уценува со тоа што располага, тоа е суровата реалност. Вештината е како во тие уцени да се вгради и сопствениот и државниот интерес.

Прво треба да се испита колку очајнички Мицкоски ги посакува предвремените избори, без оглед на неговите мотиви. (Дали е уверен дека сигурно победува, или му е страв дека времето работи против него, не е ни важно.) А тоа може да се провери врз основа на она што е спремен за таа цел да го „жртвува“.

Ќе си дозволам да шпекулирам како би можеле да течат тие преговори за од нив да испадне нешто корисно. Да речеме, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи уште пред јуни да изрази спремност да учествува во менување на Уставот, со цел во него да влезат Бугарите, како што бара Бугарија? Една заедничка изјава на Ковачевски и Мицкоски пред јуни, дека партиите постигнале консензус да учествуваат во менување на Уставот, под одредени услови, може стократно да ја засили позицијата на Македонија пред самитот. Дури тогаш притисокот врз Бугарија ќе порасне експоненцијално и ќе ги зголеми шансите на Македонија да ја почне меѓувладината конференција. Двете партии би можеле заеднички да ги дефинираат и своите услови за тоа внесување на Бугарите во Уставот, кон бугарската страна. Да речеме, формулацијата да биде иста како и за сите други „делови од народи“ во Уставот, итно да се регистрират македонските здруженија во Бугарија, во согласност со одлуките од судот во Стразбур, да не се испоставуваат други барања од Софија надвор од Португалскиот предлог, па дури и да се прекрсти клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Под тие услови може да се смета на двотретинско мнозинство во Парламентот за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Во момент кој ќе се смета за соодветен. Можеби помеѓу почетокот на меѓувладината конференција и формалниот почеток на преговорите, за што според некои проценки се потребни до 18 месеци. Но, зборот е даден.

Зошто би го направил тоа Мицкоски? Па затоа што за возврат може да му се понуди, дека во случај да се одржи таа конференција, односно да се „придобие ветото“, ќе се формира широка влада, која ќе функционира до формалниот почеток на преговорите, а потоа ќе се одржат избори. Или, ако не сака широка влада, да се распишат избори откако ќе се изгласа промена на Уставот, со или без период на пржинска влада. Или нешто трето за што и двете страни ќе видат интерес, а ќе го запазат и интетресот на државата. Верувам дека и Мицкоски сака да ја види Македонија во ЕУ, а тоа не може да биде еднопартиски проект. Сите партии така ќе имаат чувство дека постигнале еден заеднички успех и рамноправно ќе можат да се китат со „европски перја“. И тоа би било фер, и тоа би било здраво. Ако ветото не биде тргнато од Бугарија, барем двете партии демонстрирале државност, а не само гол партиски интерес. Тогаш може да почнат нови преговори на тема, што понатаму. Во тој правец нека се размислува, не мора вака, но вака некако. Најпосле, животот е преговори, а политиката е дел од животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот