Политичката проституција пуштена на најјако

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Дали постојното мнозинство од овие 62 пратеници што го сочинуваат ќе стане „старо-ново“ со додадената „вредност“ од плус четворица од Алтернатива, или пак заедно со Беса и со Левица ќе го рекомпонираат владејачкиот состав и ќе ги донесат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на власт без одржани предвремени парламентари избори, наскоро ќе видиме.

Македонија дефинитивно влегува во жешка политичка зима. Гласачкиот пресврт што се случи по првиот круг на локалните избори навестува и интересни претумбации околу новото парламентарно мнозинство. Дали постојното мнозинство од 62 пратеници ќе стане „старо-ново“ со додадената „вредност“ од плус четворица од политичката партија Алтернатива, или пак истата, но заедно со БЕСА и најверојатно со малцинската поддршка од Левица, ќе го ревидираат и рекомпонираат владејачкиот состав и ќе го донесат на власт десничарскиот лидер на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски без одржани предвремени парламентари избори, наскоро ќе видиме. Равенката е сложена, непознатите се многу, а најавите и од двата доминантни табори се дека политичката разврска по завршувањето на вториот изборен круг од овие локални избори ќе биде во нивна полза. Што можеме да донесеме како заклучок од најновиот турбулентен развој на македонската политичка сцена? Па дека, најтрадиционалниот македонски политички занает, политичката проституција е пуштена на најјако.

Спијте мирно, ДУИ и Ахмети ќе владеат вечно!

Првенците во политичкиот жабарник во ликот и делото на политичкиот бард Павле Трајанов и на неговата пензионирана колешка Лилјана Поповска ни се нам добро познати дека како партиски габарити биле на (с)цена секогаш кога во политичките и во медиумските кулоари провејувале комбинаториките за создавање нови парламентарни мнозинства и „буткање“ влади, но како да ги резонираме политичкиот дискурс и постапките на партијата Беса, која во самиот назив својата политичка партија ја именувала по традиционалниот устен албански „збор-договор“ од кој нема отстапување, дека сега размислува да ја напушти коалицијата, според исказот на еден од нејзините функционери, и како да ја сфатиме логиката на партијата отцепничка од Беса и на нејзиниот многу силен лидер Африм Гаши, кога до претходните избори беше дел од власта, користејќи ги привилегиите од неа, сега е жестока опозиција во коалиција со Алијансата за Албанците на Зијадин Села, а е шпекулирана дури и од еден Мендух Тачи дека е на купопродажен договор наново да го засили постојното владејачко парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и од сè уште актуелниот премиер Зоран Заев?! Тоа ли се „од збор“ новите етничкоалбански политичари кај нас, кои треба(ше) да бидат алтернатива на вечната корумпирана и криминализирана владејачка ДУИ?! Па, ваквото проституирање „ни ваму-ни таму“ на овие политички партии, сè уште ја држи ДУИ и Али како неприкосновени владетели на македонскиот политички простор „од другата страна на Групчин“, бидејќи етничкоалбанскиот гласач во нив не само што не препознава чесна и принципиелна алтернатива на ДУИ, туку ги гледа дека како гладни пци, симнати од Шар Планина, дојдени и тие да се најадат од македонскиот мрсен политички колач, кој секогаш постизборно е на трпезата. Во овој момент, воопшто не е ни важно дали „Алтернатива“ ќе го напушти потонатиот етноалбански опозициски блок и ќе прејде да го спаси „Титаникот“ на Заев или, пак, Беса прва ќе се префрли во чамците од „Титаникот“ што тоне и ќе го допотоне, туку е важно, за нас тажно и трагично, што овие две трагикомични партии произлезени од една иста политичка матрица која на изборите во 2016 година добија сериозен квантум на гласови, сериозно заканувајќи ѝ се на ДУИ да ѝ го земат приматот, се гола вода и ветер во магла и дека со нив како „алтернативи“, Александар Антиќ и во наредните дваесетина години може слободно и спокојно да си владее и во Мала Речица и на „Илинденска“.

Погребана е таа држава во која ДС, ДОМ и ЛДП „буткаат“ влади

А кога станува збор за партиички од типот на ДС, ДОМ, ЛДП, кои како залепени политички крлежи за која било од двете доминантни политички мастодонти на македонската партиска сцена предизборно се легитимираат од избори до избори како „јаки“ парламентарни партии, доколку решиле и тие да влезат во политичкиот бордел на до даска проституирањето во ова постизборие, би им препорачал да отидат на обука во „Велвет“ во Софија, столицата на соседна Бугарија, која добрососедски ни го блокира нашето европристапување. Таму барем и проститутките имаат некои вредносни параметри и граници, правила од кои по никоја цена не отстапуваат. Белким, ќе научат дека и во најстарата професија треба да се има грам срам и минимум принципиелни скрупули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот