Политичката криза во Црна Гора може да ги запре преговорите на земјата за членство во ЕУ

Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Министрите за надворешни работи на Австрија и Словенија, Александар Шаленберг и Тања Фајон, денеска во Подгорица повикаа на итен избор судии на Уставниот суд, порачувајќи дека ЕУ сериозно ќе преиспита дали ќе соработува со Владата што би се формирала на основата на сегашниот „сомнителен закон за претседател”.

Шаленберг и Фајон дојдоа како посредници, по налог на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика Европската унија, Жозеп Борел, при што нивните согледувања од Црна Гора ќе ги пренесат во Брисел.

Делегацијата на ЕУ во Подгорица соопшти дека министрите се сретнале со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ и со техничкиот премиер, Дритан Абазовиќ.

Фајон оцени дека ситуацијата во Црна Гора е загрижувачка и предупреди дека Црна Гора ризикува да ги прекине пристапните преговори со ЕУ.

Таа изјави дека во разговорите со официјалните претставници ја изразила својата поддршка за Црна Гора да ја надмине институционалната блокада и да напредува на патот на европската интеграција. Фајон повтори дека Законот за претседател на Црна Гора е под знак прашалник, особено затоа што нема Уставен суд да ја оцени неговата легитимност. Таа изјави дека се надева дека до крајот на јануари ќе бидат избрани судиите на Уставниот суд.

Фајон подвлече дека ЕУ сериозно ќе ја преиспита можната соработка со Влада која би била избрана врз основа на така донесениот закон. Таа уште истакна дека е оптимист оти ситуацијата во Црна Гора ќе се подобри по денешните средби и нагласи дека Брисел го цени „непоколебливото противење на Црна Гора на руската агресија”.

Шаленберг истакна дека долго време Црна Гора била најнапредната земја на патот кон ЕУ, но сега работите се поинакви. Тој рече дека не се во приватна или билатерална посета, туку како пријатели кои се загрижени за ситуацијата во таа земја.

„Оваа посета е јасно предупредување, но и охрабрување”, рече Шаленберг, но предупреди дека, доколку вака продолжи , Црна Гора ризикува „да го пропушти следниот воз на патот кон ЕУ”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот