Погледнете како помина 22. Моден викенд Скопје

Со затворањето на изложбено-продажниот салон „Свесна мода“ во Јавна соба, беше означен крајот на тридневното „поп-ап“ издание на Моден викенд Скопје, во чии рамки имаше ексклузивен шоурум, арт инсталации, студентска изложба, едукативно предавање и богата музичка програма за присутните гости.

Пред бројните новинари, јавни личности и љубители на убавиот дизајн, своите колекции ги прикажаа познати имиња од домашната сцена, како и млади таленти за кои допрва ќе се слушне. Кон мисијата да се промовира најдоброто од одржливиот дизајн во Скопје, како коорганизатор за реализација на проектот, максимална поддршка даде берлинската консалтинг агенција ONLYАFEW, раководена од тандемот Дороти Сара Спехар и Кристина Илиевска.

Моден Викенд Скопје ја продолжи и продлабочи соработката и со школата Џолев и Уметностите, чиишто студенти при академијата за моден дизајн: Ана Франгова („Оne with the nature), Ева Таневска („Хаос“), Никола Јовановски („We are the MODS) и Катерина Димитровска („Кој си ти?“) низ концептуална изложба на нивните изработки под менторство на Никола Ефтимов, уште еднаш потврдија дека на македонската мода и дизајн им претстои светла иднина. Сите мултимедијални содржини поврзани со настанот и снимањето на едиторијалот се во продукција на магазинот Скала и тимот составен од: Антонио Станков (фотографија), Филип Бојковски (фотографија), Виктор Стојков (видео и монтажа), Долорес Соколова (сет асистент), Дејан Џолев (креативен директор) и Бинаса Дрндар (оперативен директор).

„Одржливата мода е несомнено тема која има многу простор за истражување и дејствување. Самата соработка со Моден викенд Скопје е огромен исчекор и добар старт кон потранспарентни практики кои би ја зголемиле отчетноста на брендовите за тоа кој, како ја прави облеката и во какви услови, а со тоа и нејзините влијанија врз животната средина. Заедно со DS Agency и ONLYAFEW на посетителите им изнесовме корисни информации, примери и можни начини на делување, што би ги доближиле до поодржливи модни практики. Исто така ги запознавме со движењето, нашите активности и можностите за идни соработки.” – изјави Ана Јакимовска, координатор на Fashion Revolution Macedonia.

Јавна соба доби магичен допир на природата благодарение на Цветна фабрика, додека одблесокот на огледалата од уметничката инсталација на MG ART беше вистински магнет за селфи фотографии. Визуелниот имиџ и оваа сезона е дело на графичката дизајнерка Јана Марковска – Do More. За добрата забава како музички гости се појавија маестралниот најпрво Gloomié, а наредниот ден и Jon Bela со бендот, обајцата воодушевувајќи ги сите со перформансите во живо.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот