Подемот на европската екстремна десница

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Европа сѐ повеќе станува објект, а не субјект на историјата, а десничарската интернационала успешно ги минира обидите за политичка интеграција и за мултикултурност на континентот

Главно благодарение на неспособноста на етаблираните партии и на нивните лидери да одговорат на колективните барања на луѓето за заштита и за социјална правда, европската крајна десница е во налет и не е прашање дали ќе ја реализира својата зголемена политичка моќ, туку што ќе стори со неа.

Европа сѐ повеќе станува објект, а не субјект на историјата, а десничарската интернационала успешно ги минира обидите за политичка интеграција и за мултикултурност на континентот, оставајќи ги малите и релативно беспомошните европски нации во ерата на глобален конфликт самите да се обидат на своите граѓани да им обезбедат чувство на сигурност и безбедност.

Од Грција до Шведска, од Полска до Холандија, јакнат партиите што некогаш беа на работ на изборниот праг. Во Германија не запира да расте поддршката за екстремната десничарска Алтернатива за Германија. Во Унгарија партијата Фидес не паѓа од власт цела деценија.

Во Финска премиерот Петери Орпо ја предводи конзервативната Национална коалициска партија откако избирачите ги исфрлија социјалдемократите во опозиција и на власт ја доведоа најдесничарската партија во историјата на земјата.

Светот неодамна внимателно ги следеше изборите во Шпанија, а многумина експерти очекуваа екстремната десница и партијата Вокс да ја преземат главната улога. Наместо тоа, резултатот е парализа, можеби и нови избори, бидејќи ниту една партија не може да формира влада. Конзервативците од Народната партија останаа најсилна партија, но ни со помош од Вокс немаат доволно за владејачка коалиција.

Од каде таков масовен пресврт на десно? Зошто Европа сведочи за подемот на партиите на екстремната десница, дури и во земјите што имаа горчливи искуства со фашизмот, како Италија?

Типичниот одговор е дека гласачкото тело по две големи кризи – финансиската во 2008 година и мигрантската во 2015 година – е уморно од етаблираните партии и се свртело кон десничарските популисти, кои, со многу демагогија понудија поедноставни, но и тешко остварливи решенија.

Погледнете ја Франција, која сѐ од 2005 година малку по малку тоне во урбани нереди какви што не се паметат. Линиите на поделба во врска со миграцијата се вжештени, а политичките последици од насилството несомнено ѝ одат на рака на лидерката на екстремната десница Марин ле Пен. Нејзините 89 пратеници веќе го сочинуваат најголемиот опозициски блок во Собранието.

Ле Пен за сѐ ги обвинува заедниците со многу мигранти, претежно од поранешните колонии низ Африка, а аналитичарите веруваат дека бранот на насилства би можел да ѝ помогне да му се одмазди на Емануел Макрон за поразот на изминатите претседателски избори.

Токму Макрон нудеше иницијативи за да се претвори Европа во обединета сила што полесно би ги бранела своите либерални вредности од налетите на десничарскиот екстремизам, но неговата идеја за „Европа што заштитува“ не ја заинтересира Ангела Меркел.

Слаткоречивиот национализам на водечките европски партии ја оневозможи интеграцијата на континентот за да одговори единствено на разни предизвици, не само на руската агресија врз Украина.

Десницата изнаоѓа и нови алки на своето заедништво: климатските промени, ограничувањата поради пандемијата, правата на малцинствата. Некои ултрадесничарски партии целосно ги отфрлаат студиите што говорат за глобалното затоплување, додека други прифаќаат дека проблемот постои, но бараат локални решенија и се противат на глобалните иницијативи. Шпанската партија Вокс е еден од примерите на овој вид „еколошки национализам“, иако се бележи напредок: своевремено климатските промени ги нарекуваа „измама“. Сличен пресврт направи и партијата на Марин ле Пен.

Што ќе се случи ако во Америка в година, како што навестуваат испитувањата на јавното мислење, на власт се врати Доналд Трамп? Каков удар би било тоа за светот на либерални демократии на кои им требаше време да заздрават од првиот мандат на Трамп. Каков поттик би било тоа за неговите „омилени диктатори“ – деспотите како египетскиот претседател Абдул Фатах ал Сиси или „творецот на нелибералната демократија“, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Каков поттик би било тоа за создавање Европската Унија на екстремни десничари!

Кога во Италија во 2019 година истакнатиот антиимиграциски политичар Матео Салвини им нареди на италијанските пристаништа да го блокираат спасувачкиот брод со мигранти, му ракоплескаа верните следбеници, но не можеше да спречи голема меѓународна криза, која ги разоткри нехуманите ставови на десницата.

Европската десница денес знае како да ја спроведе истата политика без да предизвика голем отпор. Премиерката Џорџа Мелони има барања што не се разликуваат од оние на Салвини, но се завиткани во коалициски прагматизам. Во Тунис, придружена од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, таа потпиша спогодба што потсетува на оној „кеш за мигранти“ што Меркел го потпиша со Турција. Десницата се научи како да ги употреби Европа и нејзините институции.

Прашање е дали овие десничарски прагматичари, и пред сѐ националисти, можат меѓусебно да соработуваат доволно за да станат вистинската сила на некоја нова Европа. Дали, не сакајќи, така би ѝ помогнале на ЕУ да ја зајакне својата позиција во светот?

Десничарските влади на Полска, Унгарија и на Италија се залагаат за проширување на Унијата со нови членки од Западен Балкан. Тоа би значело битна трансформација на европските институции. Ако десницата би предводела такви промени, би придонесла за интеграциите и за јакнење на европскиот идентитет – бел и христијански, каков што го доживуваат.

Можат ли екстремните десничари да го остават зад себе таквиот расизам и да прифатат „европски национализам“? Одговорот на ова прашање ќе покаже дали ова е уште една вежбалница за десничарски екстремизам или ќе се трасира патот на политичка хегемонија на европскиот континент.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот