Почна снимањето на грчкиот филм „Ритам на животот“ во копродукција со „Круг филм“ од Скопје

Сцена од снимањето на филмот во Атина

Во главниот грчки град Атина деновиве започна снимањето на долгометражниот игран филм „Ритам на животот“ по сценарио на Америса Баста и Димитрис Накос од Грција, во режија на Баста, а во копродукција со „Круг филм“ од Скопје. Снимањето на филмот ќе се одвива во текот на август оваа година, на повеќе локации во Атина, Грција.

Филмот ја раскажува приказната за Лена, 20-годишна жена која живее во Атина, работи во локален супермаркет и живее со своето семејство. Поради тоа што живее сиромашно, а секојдневието и е исполнето со напнатост, таа сака да се исели и да започне свој живот. Сè се менува кога Лена ќе добие отказ истовремено дознавајќи дека е бремена. Што ако одлуката да го задржи бебето е единствениот начин да ја зачува работата?

Во улогата на Лена се јавува младата Елина Цорбаци, а останата екипа е составена од актери од Грција и од Албанија.

„Ритам на животот“ е финансиски поддржан од филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Главен продуцент е грчката продукциска куќа „Соул Продукција“ на Јоана Султани, додека македонски копродуцент е Дејан Крајчевски од „Круг филм“. Копродуценти се и Деспина Музаки од кипарската „Брејкинг Вејв Продукција ЛТД“ и Немања Драговиќ од црногорската „Видеа Продукција“.

Ова е прв долгометражен филм на Баста. Нејзините краткометражни филмови „Не утре“, „Чадор“, „Христос и Димитра“, „Евива“ и други, во изминативе десетина години учествувале на низа локални и меѓународни фестивали и постигнале особен успех, известија од Агенцијата за филм на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот