По две децении конечно изградени 400 метри од булеварот Благоја Тоска во Тетово, Општината и ДУИ во клинч чија е заслугата

Фото: Слободен печат

Помпезно со сечење на црвена лента, обиколка на новоизградениот булевар, коктел и присуство на голем дел од општинската администрацијата, попладнево беше пуштена во употреба новоизградената делница на дел од булеварот Благоја Тоска во должина од 400 метри.

Сечење лента Касами
Фото: Слободен печат

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами изјави дека проектот е заслуга на општината, која макотрпно работела на негова реализација.

„Денеска ја промовираме оваа главна артерија со што ќе ја олесниме комуникацијата. Се надеваме дека со инвестициите во патната инфраструктура, ќе придонесеме Тетово да биде градот во кој ќе сакаме да живееме, ние со општинската администрација го реализиравме овој пат,“ рече Касами.

Неодамна вицепремиерот Артан Груби со преставници од неговиот кабинет прошетаа по булеварот, потенцирајќи дека оваа делница е дело на Владата.

Градоначалникот Касами вели дека челниците на ДУИ се така навикнати, да се фалат со туѓи достигнувања и проекти.

„Ние би сакале вицепремиерот почесто да доаѓа тука, ние се соочувавме со проблеми додека го направивме овој пат, за жал тие се така научени, само се обидуваат да ги преземаат туѓите проекти и резултати, но тој е добродојден да доаѓа тука и да го користи овој пат како и другите патишта кои ние ќе ги градиме за нашите граѓани“, рече Касами.

Фото: Слободен печат

Советничката група на ДУИ ја поздравија изградбата на булеварот, но според нив, владата е најзаслужна оти таа ги обезбедила парите за реализација на делницата.

„Сакам да напоменам дека пробивањето на Благоја Тоска е проект на владата, односно со средствата наменети за изградба на карго-аеродромот во Штип од страна на ТАВ се изгради овој булевар. Одлуката на Владата беше тие средства поради неизградбата на аеродромот да бидат распределени на општините и дел од тие пари се за пробивање на овој дел од булеварот. Општината беше надзорник на проектот и вршеше експропријација“, изјави Ветон Мурати советник од ДУИ во Советот на Општина Тетово.

Но, пробиен е само дел од булеварот Благоја Тоска од мостот кај Клиничката болница Тетово до средното текстилно училиште. Останатиот дел се до кружниот тек кај булеварот Илинденска најверојатно ќе треба да почека. Градоначалникот Касами вели дека за овој дел има основен проект, но најпрвин треба да се изработи елаборат за експропријација, па потоа да се изнајдат финансии за пробивање на третиот дел од оваа делница.

Фото: Слободен печат

Со пробивање на дел од булеварот Благоја Тоска значително ќе се намали сообраќајниот хаос во овој дел од градот, кој беше тесно грло, особено во перидот кога доаѓаа печалбарите. Но, тоа нема да го реши целосно проблемот со сообраќајот, со оглес на тоа дека не е целосно пробиен буелварот, а уште три други булевари со децениии чекаат пробивање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот