Плоштадот Македонија остана „декориран“ со знаменца од „Пиволенд“, со лимени тараби и улични кучиња

Низ Скопје на секој чекор може да се забележи заборавена „декорација“ од некој поминат настан, фестивал, концерт, па дури и слики од ликовите кои биле кандидати на последните локални избори. Градските лимени тараби и ѕидови трпат сѐ, а ретко на некои од надлежните институции или организаторите им текнува да зачистат зад себе кога настанот ќе помине.

Па така, на плоштадот Македонија веднаш до фонтаната со Александар на коњот, од почетокот на септември виси оптегнато јаже со знаменца од „Пиволенд“. Колку за потсетување, манифестацијата се одржа од 3 до 7 септември, а знаменцата се веат веќе два месеца потоа. Можеби Град Скопје планира да ги остави до следниот „Пиволенд“ да не прави двапати трошок. Кој знае.

Во секој случај, не се убава глетка за бројните странци што го посетуваат плоштадот, исто како и одомаќинетите улични кучиња кои им се „препелкаат“ во нозете на гостите во Скопје. Плоштадот Македонија, со сето ова и со недовршените објекти кои останаа недоизградени од проектот „Скопје 2014“, далеку е од тоа да биде најубавиот простор во центарот на градот каков што би требало да биде.

И никому од надлежните не му паѓа на ум да преземе нешто – ниту на Град Скопје, ниту на Општина Центар, ниту на Министерството за култура, па конечно, ниту на „Лајка“.

За почеток барем да ги тргнат знаменцата за да не потсеќа плоштадот на циркус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот