Пламна „Треска“ – се роди глушец!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Има работа во градов, има. Не е сѐ само асфалтирање улици и садење цвеќиња. Оти откако нешто ќе се случи, џабе и истраги и офкање. Џабе и состанчења и изјави и барање виновници отпосле.

Измина една недела од големиот пожар во поранешната фабрика „Треска“ во Скопје, а ние сѐ уште не разбравме што гореше таму и како се запали. Прво се чекаа извештаите од увидот на МВР, па сега чекаме Јавното обвинителство да ги протолкува тие извештаи, па можеби конечно ќе дознаеме што биднало – подметнат ли бил пожарот или така им „дошло“ на магацините сами од себе да пламнат за да ги потсетат надлежните на еколошката депонија што со години опстојува во центарот на градот.

Сега, од една страна, сите се ангажирани, состанчат кризни штабови, се координираат, се договараат како ќе постапат, кој и кога ќе го чисти просторот, но по сѐ изгледа дека и оваа работа, како и сѐ досега ќе помине според она – се тресеше шумата, се роди глушец.

А и глувци имало таму, стаорци големи како мачки, раскажуваат луѓето што живеат во близина. И огромни количества ѓубре останати од некогашната фабрика за мебел. Имало и некоја цистерна, демек, полна со нафта, и таа оставена таму. Мистерии! Патем, таа сега пропадната „Треска“ има и стечаен управител. Влегол ли тој некогаш таму? Дали воопшто некој пред пожарот знаел што се случува на тој простор, за кој неколку години наназад единствено се зборува како за многу привлечно парче за градење згради.

И така бидна пожарот. Се издигна црн чад, досега невиден во градот, кој предизвика сериозна загриженост на граѓаните околу тоа дали тоа што таму гори може да предизвика штета за здравјето и за животната средина. Еден не излезе да ги предупреди луѓето дали треба некако да реагираат, да се заштитат, ако не друго, барем да ги затворат прозорците во домовите. Беа зафатени со „покажување“ колку се загрижени. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, самиот кажа дека првпат влегува таму и она што го видел го потсетило на Чернобил. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, пак, додека околу неа сѐ уште тлееше огнот, ја „затвори“ истрагата – имала индиции дека пожарот бил подметнат, непознати луѓе често се врткале таму.

Во меѓувреме граѓанските здруженија алармираа и бараа одговори. Најважното прашање беше, што гореше во „Треска“ и дали е тоа опасно за луѓето и почвата. Има ли азбестни влакна во воздухот (затоа што покривот на фабриката бил од азбестни плочи), има ли други отровни супстанции затоа што таму гореле и бои, лакови, сунѓери, гуми…

Герасимовски и некои стручни лица рекоа дека азбестот не гори. И навистина, тој се користи за заштита од пожари. Но, на објектот што изгоре му снема половина азбестен покрив. Можеби не изгорел, но се урнал. И се оштетил. А азбестните влакна се канцерогени ако се вдишат и остануваат до три дена во воздухот.

Сепак, скопјани сега може да бидат мирни и да не поставуваат прашања за кои нема да добијат одговори. И така по една недела ветрот оддува сѐ што е штетно и отровно од воздухот. Ветрот, кој е единствениот спас за секаков вид загадување во Скопје.

Градот, општините, инспекторите за животна средина, ресорното министерство и сите други надлежни, спомнати и неспомнати, треба навистина сериозно да се фатат за работа и за разрешување на ваквите еколошки црни точки во градот. А ги има многу. Еве, на пример, нека влезат во објектот на поранешната фабрика за обоени метали „Купрум“, што изгледа како сцена од хорор-филм. И нека се фатат за работа додека и таму не се случи некоја катастрофа. Како и во другите вакви напуштени објекти.

Има работа во градов, има. Не е сѐ само асфалтирање улици и садење цвеќиња. Оти откако нешто ќе се случи, џабе и истраги и офкање. Џабе и состаночења и изјави и барање виновници отпосле. Патем, имало ли и во „Треска“ полначи за телефони, или барем продолжен гајтан?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот