Пијанистката Хајди Елзесер ќе настапи на фестивалот „Златна лира“

Хајди Елзесер

Во рамките на програмата на „Златна лира“, фестивал на музичките уметници на Македонија, на 17 октомври, во Музеј на македонската борба, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи пијанистката Хајди Елзесер.

Успешна на полето на солистичката и камерната музика, но и во педагогијата, оваа македонската уметница што живее и работи во Германија негува посебен сензибилитет и длабок однос кон музиката, за што сведочат многубројните рецензии напишани за нејзините настапи на концертните подиуми низ Европа.

Посебна љубов таа негува кон делата на македонските композитори кои честопати се застапени на нејзиниот концертен репертоар, не ретко и како праизведби. Хајди Елзесер им вдахнала живот на бројни дела од Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Александар Пејовски, Михаило Трандафиловски, Панде Шахов, Ана Пандевска, Костадин Делиниколов, Владимир Николов.

Нејзините изведби се редовно застапени на македонските фестивали како „Денови на македонска музика“, а оваа година својот подиум ќе ѝ го отстапи фестивалот „Златна лира“. На програмата се дела од Јорг Петер Митман, Јоханес Брамс, Гизелер Клебе, Константин Делиниколов, Морис Равел и Франсис Пуленк.

Хајди Елзесер е родена во Скопје, Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на С. Слејанска, го продолжува студиите на „Екол Нормал де Музик“ во Париз, каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот конзерваториум, исто така во Париз, Франција. Во овој период нејзин најзначаен професор е Теодор Параскивеско.

Круна на нејзините студии се „Концертегзамен“ студиите (највисоки студии за солистички инструмент во германскиот музички образовен систем) на факултетот за музика во Детмолд, Германија кои ги завршува со голем успех во класата на Жан-Ефлам Бавузе. Во текот на школувањето таа учествува и на многу мастеркласи, каде остварува важни контакти со големи имиња како што се Пол Бадура – Скода, Вера Горностаева, Андреас Штаер и други.

Елзесер работи неколку години како асистент на ФМУ Скопје, а по студиите во Германија (во којшто период работи како асистент на проф. Бавузе) останува таму и работи како предавач на Факултетот за музика во Детмолд. Хајди Елзесер е член на комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастеркласи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот