Пензионерите со шатори пред Владата?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Зарем некој верува дека лидерите на пензионерите можат да постават условни барања до Владата и доколку во даден рок таа нема да ги исполни ќе развијат шатори и ќе мавтаат со пензионерски знамиња?! Никогаш тоа нема да се случи!

Просто не сакам да верувам дека пензионерите ќе постават шатори пред Владата како израз на незадоволство со усогласувањето на пензиите во однос на порастот на животните трошоци (2,9 отсто) бидејќи тоа не оди во прилог на клиентелизмот на раководствата кон власта, а можат да ги изгубат своите привилегии и лични интереси?! Искрено, насловот го позајмив од реакцијата на синдикатите на полицијата и на Армијата кои на протест пред Владата итно побараа усогласување на платите со минималната плата на работниците и доколку тоа не им се исполни, ќе ги постават шаторите пред портите! Да, ама припадниците на најмасовната популација во земјата (328.000) не се ниту полицајци ниту војници, туку добри послушници и гласчи кон кои власта покажува интерес и им ветува големи покачувања само пред избори?!

Всушност, оваа компарација треба да послужи како пример за раководството на Сојузот на здруженијата на пензионери (СЗПМ) како треба да се бори за интересите на своите членови, а не да дава некакви објаснувања за немоќта и да се правда за неисполнувањето на програмата за работа. Во неодамнешниот отчет на преседателката на СЗПМ, од преголемите објаснувања на цели „чаршафи“ од весникот, видовме дека ништо конкретно не видовме. Навистина, и од самата најава во насловот може да се заклучи дека раководството поднело многу барања, иницијативи и предлози, ама ниту одговори имало ниту нешто било прифатено?!

Споменатата персона во еден извод од нејзиниот отчет вака ја дефинира целта на нивното рабортење: „Поднесувањето повеќе предлози односно барања имаа цел да се влијае на јавното мислење и може да се каже дека позитивно влијание има во однос на промената на формулата за усогласување на пензиите бидејќи сериозно од Владата и државните институции се најавува дека истите ќе ги имаат предвид“. И во натамошниов текст се е напишано „округло па на ќоше“ што никој ништо не може да разбере, а сепак да заклучиме и да сме задоволни дека тие таму се претргнале од работа, од иницијативи и предлози?!

Од сите писанија во пензионерското гласило (главно од лидерката, да се види кој коси, кој вода носи), единствено читко во рамка болдирано и во боја беше соопштено дека Управниот одбор на Фондот ПИОМ одржал седница на која првпат присуствувала претседателката на СЗПМ (по нејзиното лакомно самопредлагање и инаугурирање во ова тело) и по посакувањето добредојде од раководителот, таа навистина покажала грижа за затворањето на старскиот дом „Борец“ во Битола со предлогот: „во постапката за продажба на целиот или на дел од објектот да се вклучи и Здружението на пензионери од Битола и заедно со општина Битола да преземат активности за згрижување на пензионерите на кои ќе им бидат раскинати договорите за сместување, со вклучување на Центарот за социјални работи и МТСП“.

Навистина е чудно и несфатливо да се продаваат и пренаменуваат пензионерските домови, наместо да се градат и отвораат нови, ама претседателката веднаш даде објаснување зошто и како треба стручно да се заврши таа работа?! Некои „зли јазици“ ваквото меко настапување спрема Фондот го протоклкуваа како возвраќање благодарност за доделувањето нови простории за раководството на СЗПМ (по две канцеларии за секого) на трајно користење, така што Фондот всушност ништо не изгубил, туку повеќекратно го надоместил дадениот простор, без да води грижа за пензионерите?!

Интересно е обраќањето на претседателката на СЗПМ до министерката за труд и социјална политика во кое очекував дека ќе каже нешто за новата методологија во усогласувањето и зголемувањето на пензиите во предлогот на измените на Законот за ПИО, но ништо од тоа не прочитав. Речиси на цела страница од весникот таа се фокусира на одредбата за регулирање на издвојувањата на пензионерите за посмртна помош и членување во здруженијата со интенција овие основи да не се издвојуваат, туку да се поврзат и остават во надлежност на Одборот на регистрираната организација, односно СЗПМ?! Зад овој предлог и барање се крие стравот од губењето сигурно финасирање на Сојузот и негово лагодно однесување?! Но, кој сака тоа од нив да го признае? Никој!

Колку му е дојдено на раководството на Сојузот до заштитата на интересите на пензионерите може да се види и од Одлуката на Одборот на Регистрираната организација (во која улога се јавува СЗПМ) за уште едно трето по ред зголемување на одвојувањето за солидарен фонд – посмртна помош (од 120 на 150 денари) без согласност на пензионерите, како и намалување на износот на посмртнината од 30.000 на 25.000, поради зголемениот број починати лица, што е навистина оправдана постапка од социјален и хуманитарен аспект. Но, вистина е дека во пандемиски услови СЗПМ редуцирано ги извршува своите активности (колку да се каже дека нешто работи), па знаејќи го тоа, Фондот ПИОСМ иницираше предлог за негово неколкумесечно откажување од членарината за да се пополни недостигот пари во Фондот за посмртна помош. Овој предлог Сојузот го оцени како ненадлежен и даде „трте-мрте“ објаснување зошто не може да се реализира! И, што се случи? Раководството на СЗПМ повторно, без да ги праша и да побара одобрување од пензионерите, по третпат длабоко посегна во нивниот џеб и уште ги убедува дека тоа за нив било најдобро?! Навистина колку им е добро, сами просудете! Најпосле, зарем некој очекува и верува дека лидерите на пензионерите ќе го кренат гласот повисоко и ќе застанат зад нивните интереси? Зарем некој мисли дека тие можат да постават условни барања до Владата и доколку во даден рок нема да ги исполни, ќе развијат шатори и ќе мавтаат со пензионерски знамиња?! Никогаш тоа нема да се случи! Да живее клиентелизмот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот