Пендаровски и државна делегација на 78. сесија на Генералното собрание на ОН

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски од денеска до 22 септември ќе учествува на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

-Пендаровски на 22 септември ќе се обрати на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“, најави Кабинетот на Претседателот.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Пендаровски да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, при што ќе ја одликува ООН со Орден на Република Северна Македонија.

Пендаровски ќе има обраќање пред Советот за безбедност на отворената дебата на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста на Украина“.

Ќе присуствува и на отворањето на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој под покровителство на Генералното Собрание и ќе се обрати на лидерскиот дијалог „Зголемување на активностите на клучните транзиции за да се забрза напредокот на Целите за одржлив развој“.

За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание.

За време на престојот во САД, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, и ќе го посети Њу Џерси, каде е предвидено да оствари средби со претставници на македонската заедница. Ќе го посети и Чикаго, каде ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“.

Во состав на македонската државна делегација се и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Како што најавија од Министерството за надворени работи, Османи во својство на министер за надворешни работи, но и како претседавач со ОБСЕ, А5 и ПСЈИЕ ќе земе учество на повеќе важни настани.

-Оваа посета се реализира во историски момент за Северна Македонија, кога земјата во исто време претседава со три различни процеси кои се од големо национално значење: ОБСЕ, САД – Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, на кои претседавач е министерот Османи. Во таа насока, Османи ќе предводи важни средби со земјите од А5 САД-Јадранската повелба, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и повеќе билатерални состаноци со министрите за надворешни работи на повеќе земји. Воедно ќе учествува и на низа други настани на високо ниво организирани од страна на ОН, соопшти МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот